X
 01.10.2016 Култура

Словенија прогласена за најзелена од сите држави во светот


Словенија стана првата земја во светот што е прогласена за „зелена дестинација“, врз основа на проценката од холандската организација, Green destinations.

Словенија - најзелена држава во светот

Титулата на Словенија ѝ беше претставена во вторникот на церемонијата во Љубљанската тврдина, во рамки на дводневната конференција Global Green destinations day, истовремено со декларацијата за 100-те врвни одржливи дестинации, во кои е вклучена и Љубљана.

Основачот на Green destinations, Алберт Салман, изјави дека претставници на организацијата направиле интервјуа со Словенечкиот туристички одбор (STO), со вработени во различни министерства, стручни лица и професори, кои им дале задоволителни одговори на нивните прашања врз основа на сто критериуми. Одговорите исполниле 96% од критериумите.

Заблагодарувајќи се за титулата, државниот секретар во министерството за економски развој и технологија, Ева Штравс Подлогар, кажа дека развојот на одржливиот туризам беше клучна заложба во рамки на стратегијата за развој во периодот 2012-2016 година и дека ѝ е драго што резултатите го потврдиле тоа.

Директорката на туристичкиот одбор (STO), Маја Пак, рече дека Словенија станува препознатлива кај меѓународната туристичка заедница како мала земја која презема големи чекори во одржливиот туризам, посочувајќи дека „зелената идеја за словенечкиот туризам“ на туристичкиот одбор, промовира зачувување  на животната средина и локалната автентичност, кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот.

Покрај Љубљана, на листата се најдоа и Нова Горица, Брда, Крањска Гора, Марибор, Птуј, Градец, Бела Крајина и Велење.

Конференцијата Global green destinations day почна на Светскиот ден на туризмот, 28 септември, на која присуствуваа 350 експерти и професионалци во одржливиот туризам од Европа и пошироко: Источен Тимор, Боцвана, Руанда, Индонезија, Јужна Африка и САД.

На отворањето, сите учесници се согласија дека зелениот туризам во минатото се сметал како предност, а денес како нешто што туристите го очекуваат. Секој турист денес сака да посети места што се зелени, мирни, чисти и автентични.   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура