03.01.2017
Економија
Како еврото ја промени Словенија за 10 години?
На 1 јануари 2017 година, Словенија одбележа 10 години откако го воведе еврото како нејзина валута со што имаше доста позитивно влијание врз граѓаните и врз економијата.
Како што објави државниот завод за статистика, животните трошоци во тој период се зголемени за 20.2 отсто, третина од просечниот пораст на инфлацијата во еврозоната, меѓутоа значително пораснале и просечните плати - за скоро 30 отсто.
Кога Словенија на 1 јануари 2007 година го воведе еврото и го замени тогашниот толар во готовинското плаќање и финансиските трансакции и од Европската централна банка го наполни трезорот со две милијарди евра готовина, просечната плата за целосно работно време изнесуваше само 810 евра, а денес изнесува над 1.000 евра.
Според статистичките податоци, натпросечно пораснаа цените за услуги, па поради еврото една шолја кафе во кафуле поскапе за 48 отсто, а пивото и фризерските услуги за 42 отсто.
Со просечната плата пред воведувањето на еврото, во кафуле можеле да се купат 950 шолји кафе, а сега околу 840, но доста производи и поевтиниле, кога станува збор за храната, додека цените на недвижнините и услугите од воведувањето на еврото пораснаа.
Словенија го воведе еврото откако исполни 4 мастрихтски критериуми и таа е прва држава на која ѝ тргна, меѓу земјите членки кои во ЕУ влегле во 2004 година.
Се оценува дека значително помогнала и интернационализацијата на стопанството, бидејќи биле олеснети финансиските трансакции со повеќето држави во кои извезуваат словенечките компании.
Кредитниот рејтинг на Словенија е подигнат на ниво кое овозможи ниска каматна стапка но и преголемо задолжување, кое се промени со настапувањето на глобалната финансиска криза, особено на кризата во еврозоната. Тогаш кредитниот рејтинг на Словенија беше намален за четири пати и започна да се стабилизира после финансиската инјекција на државите со проблематични банки, кон крајот на 2013 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски