Во првата половина од оваа година, во Европа патувале повеќе странски
туристи за 3 проценти, со што северна, средна и источна Европа се во плус од 5 проценти, додека овој пораст, во јужниот, медитерански дел изнесува 2 проценти и 1 процент во западна Европа.
Во светот, во првата половина од оваа година патувале вкупно 561 милион странски туристи, што е за 21 милион или 4 проценти повеќе од истиот период минатата година, со поголем летен пораст, проценува
Светската Туристичка организација (СТО).
Овие податоци, СТО ги презентира во рамките на најновото издание на Светскиот туристички барометар во кој се внесени податоци од целиот свет, според кои, најголемиот пораст на туристи е забележан во регионот на Азија и Пацификот – 9 проценти.
Во регионот на Азија и Пацификот, најголем пораст бележи Океанија, 10 проценти, што воедно е и најголем од сите светски региони и подрегиони. Порастот пак во североисточна и југоисточна Азија е 9 проценти, а во јужна Азија 7 проценти.
„Европските земји покажале различни резултати, при што некои дестинации бележат голем пораст поради ниските резултати на некои други дестинации“, велат од СТО додавајќи дека и покрај слабиот раст од вкупниот светски резултат, сепак Европа и понатаму е најпосетуван регион каде патувале повеќе од 40 проценти од вкупниот број странски туристи во светот.
Јужна и Северна Америка бележат вкупен пораст од 4 проценти во однос на првата половина од минатата година, додека Африка со доаѓањето на меѓународните туристи е во плус од 5 проценти, за што најмногу придонеле субсахарските предели со пораст на туристи од 12 проценти. Северна Африка пак и понатаму бележи ниски резултати односно пад од 9 проценти.
„Со зголемувањето на бројот на туристи во светот од 4 проценти, туризмот повторно се докажува како еден од најважните и најеластичните господарски сектори во светот. Покрај тоа, создавањето работни места за милиони луѓе во време кога светот се наоѓа во еден од најголемите предизвици да понуди перспективи за подобра иднина, туризмот станува и поважен, создавајќи врски помеѓу луѓето и сите народи и средини, рушејќи стереотипи, стравови и недоверби“, порачува главниот секретар на СТО Талеб Рифаи.
Нагласувајќи дека сигурноста е главниот столб за развој на туризмот, Рифаи повикува на засилени заеднички акции за создавање на сигурни и непречени патувања по целиот свет, наспроти создавањето ѕидови, како и посета на дестинации на кои поради несигурност се одбегнува патување.
Податоците од барометарот на СТО покажуваат дека
Кина во првата половина од оваа година го задржала првото место во светот по туристичките барања, а нивните туристи бележат раст на потрошувачката на меѓународни патувања од над 20 проценти.
САД е втор по големина светски пазар, чии туристи на патувањата надвор од САД потрошиле 8 проценти повеќе отколку лани, додека на трето место е Германија чии жители за 4 проценти ги зголемиле меѓународните патувања.
Од останатите пазари кои во првата половина од оваа година покажале зголемена побарувачка за патувања надвор од своите земји се Шпанија, Норвешка, Австралија и Јапонија, додека меѓу оние со намалена побарувачка се вбројуваат Русија и Бразил, поради падот на нивните валути и други економски ограничувања.