Промените во македонското образование ги носат вработените во институциите кои се под надлежност на Министерството за образование и наука и иако оние што треба да ги спроведуваат се наставниците, најчесто никој не ги прашува за мислење. Тие само добиваат обуки за она што треба да го воведат во наставниот процес. Се воведуваа нови предмети, екстерно тестирање, нови учебници и програми за работа, се чини дека во последните десеттина години македонското образование постојано се реформира, но никој за мислење не ги прашува наставниците.
Факултети мк. провери што тие би промениле во македонското образование. Од намален број на часови, исфрлање на предмети, враќање на времињата пред Кембриџ, укинување на екстерното тестирање.. Ова се само дел од нивните идеи за подобро образование.
- Во системот на македонското образование би го намалила зголемениот број на часови во одделенска настава - вели наставничка од тетовско основно училиште.
Наставник кој предава географија пак вели дека најпрвин би ги променил учебниците кои според него не се воопшто добри.
- Би го променил пристапот и комуникацијата наставник-ученик-родител. Има преголема слобода на родителите и учениците со што се руши имиџот на наставникот. Нашиот образовен систем нема механизам за справување со несовесните ученици, со што се обезвреднува работата на добрите ученици. Имаме и преголеми административни обврски кои ни одземаат најголем дел од времето кое што би го посветиле на учениците - вели тој.
Марија С. наставничка во скопско основно училиште вели дека би почнала со исфрлување на екстерното тестирање, но и дека за квалитетно образование треба да се направат коренити промени.
- Потребно е исфрлување на преобемната, гломазна и непотребна административна работа на наставниците, заради која се губи смислата на работата на наставникот, а тоа е предавање, образување, воспитување на учениците. Промена на сегашната – нова програма по Кембриџ, како неприменлива на наши услови и стандарди и како неприлагодена и само наметната на наши стандарди и услови - вели Марија.
Е.С професорка во средно стручно училиште за оваа тема би можела да пишува бескрајно, затоа што многу аспекти кои како на наставници им се наметнале годиниве наназад, на терен се покажале апсолутно погрешни, погубни по децата во воспитно-образовна смисла.
- Дефинитивно оставија долготрајни последици чиишто ефекти допрва ќе ги видиме. Обемната администрација на наставникот, заради која се губи врската меѓу наставникот и ученикот, екстерното тестирање, кое се покажува како монструозен механизам кој нема никаква врска со реалното вреднување на квалитетот на наставникот и служи за негово деградирање и држење во страв и покорност, обемните наставни програми, наметнувањето на туѓи образовни искуства на домашен терен без претходна анализа на оправданоста и потребата од нивната имплементација, лошите учебници, неусогласеноста на образовните профили со реалните потреби на пазарот на трудот, дисперзираните студии кои се покажаа како мерка за привремено растеретување на Агенцијата за вработување, а израснаа во механизам кој продуцира масовна хиперпродукција на високообразовни кадри со сомнителни знаења, хиперпродукцијата на титули без тежина ....многу проблеми со кои образованието по сите нивоа е апсолутно обременето. Многу нешта кои треба да сменат. Многу работа за да образованието го врати стариот сјај на кој ние наставниците се сеќаваме - вели таа.