Македонија 2015.
Брзам… Летот ми е за пола саат! Се спаси - така ми викаат сите! Спасена сум била… Дури и на аеродромот сите вработени ми го кажаа истото „блазе си ти - ние остануваме тука”. Зошто не се чуствувам спасена? Да ми кажеа барем од што се спасив? Знаете ли вие колку е тежок чекорот. И таа одлука да решиш да оставиш се` и да тргнеш во непознатото! Да свртиш грб на твоите, најмилите и да кажеш - чао! Е, тоа чао колку е тешко само!?! Пари? Не се парите толку проблемот туку мирот! Телото некаде, а душата дома… тоа мир ли е?? Тогаш зошто? Не можеш повеќе да трпиш- ете затоа! Се обидуваш, но премногу е!
Германија 2015.
…Курс по германски јазик! Цел свет во десетмина збран! Прв час: треба да се претставиме од каде доаѓаме! Започнува прво девојчето од Либија. Ја претставува својата земја. Ни раскажува каков убав живот имала. Ни раскажува што сакала да биде кога ќе порасне. Ни раскажува за нејзиното семејство, нејзините другари и... и солзи И навираат во очите... и мене исто! ВОЈНА! Поделени, разделени - уништени! Се смени изразот на нејзиното лице. Сега ни раскажува како со денови патувале И како се криеле И спасувале и... Другари, пријатели, роднини, не знае кои преживеале, каде се, не знае повеќе што да ни каже. Молк. Слушаме сите. Стана неподносливо тивко! Тешки преголтувања се слушаат само да можеше се` да се голтне, ама прејадени сме. Продолжува дечкото до неа: Јас сум од Украина!!! Машкоста не му дава да пушти солза, се познава! Устата изгризана, едвај раскажува. Се смешка! Разбирам! Сигурно мисли за татковината, за првите чекори, за првите букви, за првите симпатии, за првите разочарувања, победи. Се` е таму! Овде? - ништо од тоа! Војна пак? Солзите ќе прелеат...и мене исто! Бегаме, бегате, бегаат! Бегаш,а не знаеш каде одиш! Еден профессор ми рече: „Оди таму кај што ветерот ти го знае името!“
Овде никој не ме знае. Ветерот боли, дождот е премногу студен, сонцето не го чувствувам, не ме грее, не ме стоплува! И победата не е победа. Нити поразот пораз! Доаѓа на ред мојот, веќе другар, од Сараево! Започнува. Му дојде како флеш бек се што преживеал некогаш! Немал ни убаво детство. Само страв, страв и борба за преживување! Другите слушаат. Професорката не` гледа, се чувствува како да ни згрешила. Дојде мојот ред! „Здраво, јас доаѓам од Македонија!“ Кога го изговорив името се почувствував толку гордо! Абе каква само топлина во студената Германија! Сакав да им кажам и покажам на сите колку е убава нашата Македонија. Какви луѓе живеат таму! Па кај нас владее оптимизам! Дури и нашиот грб е оптимистички. Сонце и планина, борба и слобода! Тоа е нашиот живот, тоа е и вашиот живот иако не знаете! Сите маки, проблеми, тешкотиии – тоа е планината! Зад секоја планина има сонце - решение! Ќе биде добро – им велам јас! Сакам да им дадам малку мир, малку оптимизам да налеам во овој момент. Девојчето од Либија ми вели: „Некогаш планината е многу голема! Тогаш треба да почекаме подолго“. И` велам: „Нема откажување!“
Продолжувам да зборувам! За мојот град, колку е најубав! За моето семејство, за моите другари. И сум среќна, светам! Ѕид ќе поместам со моите зборови. Абе ќе убедам човек да земе да се спакува и да отиде да живее таму! Ме прекинува еден дечко од Полска! Добро Ања, зошто дојде тука? Ми стежнеа, ми се смачи. Голем камен ми стави на душата со тоа прашање, аман кај го најде!? Занемев! Внатре вриштам, а гласот ми го снема - не можам да зборувам. Едвај некако собрав сили да му кажам и да си признаам. Тивко во тишината му одговорив: „Затоа што така беше! Веќе одамна не е така!“ Еднаш некој ми рече: „Порано беше подруго, се` беш сиво, но душите ни беа шарени! Сега се` е шарено, душите ни се сиви!“ Таа рамнодушност за се`! Тоа не` убива! Мене во Македонија ми го нема друштвото! Еден другар ни е во Америка, другите се во Словенија, Италија, Австрија, Бугарија и Германија! Мене семејството не ми беше дома, беше во Италија! Печалбари. Да, таков е животот на Македонците, печалбарски, за пари бил. А сега? Заминувам, значи, се спасувам! Се спасувам од депресијата која ја има во Македонија! Луѓето не сакаат да живеат таму. Таму има владетели како од барокот кои ќе останат сами! Кај нас ја убија среќата, ја убија радоста!! Кај нас нема војна, но пак се убива! Кај нас не убиваат луѓе, кај нас убиваат души! Сите души се болни во Македонија. Кога бев мала, никој не зборуваше за пари, за партиии. Како мала не знаев кој ни е претседател. Мислев дека најголеми пари се 50 денари. Бев зафатена со кукли, бев докторка и сите кукли требаше да ги лекувам. И правевме парфеми и имавме фантазија, имавме СРЕЌА! Сега децата не си играат, не се смеат, немаат желби. Играат игри, абе не се ни тепаат, оти сите си имаат свој таблет И се зафатени!
И сега сум таква докторка! Вистинска. Кога побарав работа во Македонија прво ми побараа „други документи”, наместо диплома И ми понудија плата од 5.000 денари –волонтирање! Просечна чистачка зема минимална плата која е многу поголема од докторската! Реков – НЕ! Доста понижувања!!! Сите ученици кои бевме добри и кои знаевме што сакаме да станеме кога ќе пораснеме рековме: „Не, нема да дозволиме“. Сите се спасивме? Немојте така да зборувате луѓе, па греота е! Зарем ние не сакаме да бидеме дома на топло со семејството, да си ги гледаме нашите како стареат, да излегуваме со пријатели, на кои без да се објаснуваме ќе не` разберат што сакаме да кажеме, да не` разберат зошто се смееме и зошто плачеме. Тука никој не го интересира!
Пак ќе кажам: Преголтуваме и преголтуваме и камо да можеше се` да се преголтне. Само, камо да можеше целото тоа да можам да го кажам, за да ме разбере дечкото од Полска! Сакав да ме разберат сите! Ама тоа не е твојот јазик, тука фалат зборови, тука фалат емоциии. Ама на лицето ми пишуваше се`. Кога очите зборуваат, туѓиот јазик не е потребен.
Сараево ме разбра. Ми рече, ќе помине! Либија ме погледна. Ми рече ќе издржиш! Украина ме погледна – ми рече силни сме! Тишина. Другите се збунија! Им беше срам да кажат од каде се! Кои се? Зошто се? Ја гледам професорката. И таа ги брише солзите! Целата топлина се размени со студенило! Сивилото кое го оставив дома! Сум го носела значи?! Значи ова се` било само глума! Сами талкаме и не знаеме зошто, сами се развеавме и пак не знаеме зошто! Сами и ќе си умреме! А се` што сакаме е топлина, радост, мир. Сама... а така ќе е убаво да дојде некој кој ќе ми каже, ајде доста беше. Ајде да си одиме дома. И тоа да биде и мојата дома исто. Ете тоа ќе ме спаси!
Анонимна докторка
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.