X
 29.02.2020 Образование

Зголемување на платите за 30% на српските наставници по физика, математика и други дефицитарни кадри

Министерот за образование на Србија најавил зголемување на платите на математичарите и другите дефицитарни кадри, но и стипендии за студентите.

Во Србија нема доволно наставници по математика и по физика и многу училишта имаат проблем да најдат предавачи. Главната причина за ова се ниските плати. Ова го рекол министерот за образование, наука и технолошки развој на Србија, Младен Шарчевиќ, на собрание на ректорскиот совет на Конференцијата на универзитети во Србија (КОНУС). Потоа тој најавил дека ќе предложи зголемување на платите на дефицитарните кадри за 30% од 1 септември.


Фото: Pixabay

Како друга мерка за надминување на проблемот министерот најавил и стипендии за студентите, но и други олеснувања, како сместување во студентски дом. Кога ќе дипломираат, студентите ќе имаат обврска да работат во образованието онолку долго колку што примале стипендија. Министерот додал и дека би требало да се воведат и други мерки кои би помогнале во решавањето на проблемот.

- Студентите по математика, физика и по информатика не сакаат да работат во образованието. Тие се гледаат себеси во економијата, каде што платите се многу повисоки - посочил Шарчевиќ.

Проблемот со недостигот на овие кадри веќе долго го мачи образовниот систем. Според информациите што ги има „Новости“, во една белградска гимназија учениците речиси немале часови по математика цело полугодие, а проблем е и латинскиот јазик бидејќи кога наставникот оди на боледување, нема кој да го замени. Во училиштата недостигаат и наставници по англиски и по германски јазик.


Фото: Pixabay

Дефицитарните предмети често ги предаваат студенти. Според минатогодишните податоци од српското министерство за образование, во Србија имало околу 1.000 нестручни наставници и тие им предавале на околу 27.000 основци. Овие податоци покажале дека има 457 нестручни наставници по математика, 239 по физика, 109 по информатика, 133 по германски јазик и 48 нестручни наставници по англиски јазик.

За нестручни кадри се сметаат наставниците кои немаат потребно образование според правилникот на министерството. Меѓутоа, тоа не значи дека тие не се способни да им предаваат одреден предмет на учениците, но правно и стручно гледано, формално не се компетентни. Министерот Шарчевиќ изјавил дека донесувањето на законот за платата ќе го реши овој проблем.

Автор: Љ. Бегенишиќ
Извор: novosti.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование