X
 03.11.2016 Образование

Како политичарите го злоупотребуваат јазикот за да нѐ измамат?


Џорџ Орвел за политичарите

Џорџ Орвел е безвременски критичар на нуспојавите од политички организираното општество. Дури и денес, шеесет и пет години по смртта, неговото дело е повеќе од релевантно. Следнава листа дава увид во пророчките теми од опусот на Орвел:

- Делата посветени на конфликтот помеѓу регионалниот национализам и европската интеграција;
- Неговите општествени истражувања што помогнаа да се постават темелите на тоа што денес го нарекуваме „културолошки студии“;
- Неговата фасцинација од проблемот на објективната и проверлива вистина, за која стравувал дека светот намерно ќе ја извртува, па дури и ќе ја поништи во поновата историја;
- Неговата љубов за „одгледување никулци“ и грижата за иднината на природната средина, или тоа што го препознаваме како „зелена манија“;
- Акутната свест за опасноста од „нуклеаризмот“ и нуклеарната држава;
- Неговите ставови за англискиот јазик и поривот да го одбрани од постојаната закана на пропагандата и еуфемизмите.

Сите теми на некој начин се поврзани и навлегуваат една во друга, но особено е интересна ситуацијата со јазикот и неговото корозивно влијание врз поединецот и врз државата.

Главниот аргумент на Орвел во неговото дело „Политиката и англискиот јазик“ е дека јазикот и мислата постапуваат како сијамски близнаци на човековата психа, па според тоа „ако мислата го корумпира јазикот, јазикот, исто така, може да ја корумпира мислата“:

- Модерниот англиски јазик, особено пишаниот англиски, е преполн со лоши навики кои се шират преку имитација, и кои единствено можат да се избегнат ако некој е подготвен да си ја „земе бељата“. Кога некој ќе се ослободи од лошите навики, многу појасно ќе размислува, а да се размислува чисто е нужниот прв чекор кон политичката обнова.

Ако им се дозволи, политичарите „ќе конструираат идеални реченици за вашите уши, дури и ќе мислат со ваша глава, а по потреба, ќе ви направат услуга и делумно ќе ви сокријат нешто од вас самите“. Следниве седум концепти можат да ви помогнат да го превенирате ова сценарио.

1. Клишеа и мртви метафори

Политичарите обожуваат да користат клишеа. На пример, овие се најексплоатираните:

- Фактот е дека...
- Да поентирам...
- Не постои магично решение...
- Ова може да потрае...
- Не постојат лесни одговори...
- Дозволете ми да ви кажам отворено и чесно...
- Нашата порака е многу јасна и едноставна...
- Токму заради тоа предвидуваме повеќе средства за реални цели, за разлика од нашите претходници...

Клишеата имаат многу форми. Всушност, која било фраза што оддава недостаток на оригинална мисла/идеја, е клише. За мртвите метафори, Орвел вели дека се метафорите што ја изгубиле моќта да провоцираат со неспособноста да ја визуелизираат идејата зад нив.

2. Фразерство

Втората слабост на политичкиот говор е фразерството. Политичарите зборуваат на начин што се чини прецизен и интелигентен, но ако внимателно го следите нивниот говор, ќе забележите дека всушност е преполн со непотребни зборови, флоскули и ретардации (одолговлекувања и повторувања).

3. Пасивен говор

Кога подметот е трпител на дејството во реченицата, се работи за пасивен говор. Политичарите често користат пасивен говор кога сакат да избегнат одговорност. На пример:
Активен говор: Јас направив грешка.
Пасивен говор: Грешката беше направена.     

4. Реченици заштитени од антиклимакс

Лидерите мора да покажуваат сигурност. Во време на политички хаос, ние чезнееме за конкретно решение, а не за кое било решение. За да бидат избрани, политичарите треба да изгледаат вооружени со одговори на сите прашања, дури и кога ги немаат. Затоа, од политичар никогаш нема да слушнете одговор од типот: „Се извинувам, не сум сигурен“.

5. Претенциозна дикција

Орвел составил листа на најчесто користени претенциозни зборови во политиката:

1. Зборови кои треба да маскираат едноставни искази, со намера на пристрасните ставови да им се даде призвук на научни вистини: феномен, елемент, поединец/индивидуалец, цел, категорично, ефективно, виртуелно, основно (базично), примарно, унапреди, конституира, изложува, експлоатира, користи, елиминира, ликвидира.

2. Придавки за величење на валканите процеси на меѓународната политика: епохално, епско, историско, незаборавно, триумфално, прастаро, неизбежно, неумоливо, вистинито.

3. Зборови наменети за возвишување на војните: подрачје, престол, кочија, стисната тупаница, тризабец, меч, штит, висока чизма и сл.

6. Зборови со променливи значења

Кога политичарите постојано ни упатуваат „помодарски зборови“ или како што Орвел ги нарекува, бесмислени зборови, а ние брзо-брзо ги прифаќаме како дел од јазичната гарнитура – нивната употреба и нивното значење стануваат несомнени. Пример, зборот „фашизам“ несомнено означува нешто непожелно. Но, кога ќе се спомене зборот „демократија“, и најголемите  бранители на режимите, милуваат своето владеење да го нарекуваат демократско.
Според Орвел, овие се значенски најпроменливите зборови во устите на политичарите: демократија, социјализам, еднаквост, патриотизам, правда, класа, тоталитарен, прогресивен, реакционерен итн.

7. Претерано упростување

Орвел мисли дека сето тоа е „одбрана на неодбранливото“ и додава еден пример за претерано упростување во политичкиот јазик: Атомските бомби може да се оправдаат, но единствено со аргументи кои се пребрутални за да можат луѓето да се соочат со нив и кои не се во согласност со јавните цели на политичките партии. Па така, политичкиот јазик мора да се состои од еуфемизми, просјачки прашања и ширење „ветер во магла“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование