X
 07.11.2016 Живот

Македонци во САД: Трамп е дворски шут, Хилари е зла

На еден ден пред претседателските избори во САД, кои дефинитивно се настан број еден во светот последниов месец, Факултети.мк се обиде да открие кој од двајцата претседателски кандидати ужива поголем углед кај нашинците кои со години живеат таму и за кого тие ќе го дадат својот глас.



Доналд Трамп или Хилари Клинтон, кој од овие двајца кандидати на републиканската и на демократската партија во САД ќе ја добие поголемата поддршка од Македонците коишто живеат во Америка? На еден ден пред претседателските избори во САД, кои дефинитивно се настан број еден во светот последниов месец, Факултети.мк се обиде да открие кој од двајцата кандидати ужива поголем углед кај нашинците кои со години живеат таму и за кого тие ќе го дадат својот глас. Притоа, тука не станува збор за официјалните организации и претставници на македонската дијаспора во САД, туку за луѓе кои ги анкетиравме по случаен избор и кои имаат право на глас во Америка.

Генералниот впечаток од нашата анкета е дека поголемиот дел од Македонците во САД се понаклонети кон републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Тие што планираат да гласаат за Трамп како негова најголема предност ја истакнуваат отвореноста во настапите, како и фактот што најголемиот дел од кампањата ја финансира од сопствени пари. Поддржувачите на Хилари Клинтон, пак, ги потенцираат неколкуте нејзини политики насочени кон поддршка на средната класа во САД и обезбедувањето подобар и поефикасен здравствен систем. Интересно е што поголемиот дел од анкетираните како главен аргумент ги истакнуваат негативните страни на политичкиот противник на кандидатот за кого планираат да гласаат, отколку политиките и решенијата на нивниот кандидат што им се допаѓаат и ги поддржуваат.

Повеќето од луѓето што ги анкетиравме инсистираа да бидат анонимни. Триесет и седумгодишна Американка со македонско потекло која живее во Њу Џерси вели дека на почетокот била против Доналд Трамп, надевајќи се дека Берни Сандерс ќе ја добие номинацијата од демократите.

- Но, сега кога Хилари Клинтон е номинирана од демократите, мојот глас оди за Доналд Трамп. Хилари Клинтон ќе ги уништи САД. Таа е зла, лажливка и измамничка. Ние, како Македонци, со неа можеме да заборавиме на каков било напредок на Македонија во светот. Хилари треба да оди во затвор, не во Белата куќа - вели таа.

Трамп го поддржува и нејзина три години постара сограѓанка од Њу Џерси, но не поради него самиот, туку поради партијата на која и припаѓа.
- Јас навистина не поддржувам ниту еден од двајцата кандидати за претседател. Како и да е, знам дека треба барем да одлучам која политичка партија чувствувам дека ќе и помогне на Америка и мене лично. Затоа планирам да гласам за републиканците што ги води Трамп - вели Македонката од Њу Џерси.

Оливера Петковска која седум години живее во градот Феникс во Аризона на овие избори ќе гласа за Хилари Клинтон.
- Мојот избор е Клинтон поради долгата политичка кариера, резултатите како Секретар на САД и цврстата определеност дека приоритет на нејзините политички заложби се децата и семејствата од средната класа на Америка. Од сите нејзини мерки и политики што ги промовираше најмногу ги поддржувам одржувањето и надградбата на Affordable Medicare Act, ригорозниот закон за поседување оружје, намалувањето на трошоците за високо образование во САД и целосно укинувањето на повластените такси за милионерите - вели Петковска.

Триесетгодишна Македонка која живее во Чикаго вели дека ќе гласа за Трамп најмногу поради тоа што со свои пари си ја финансира кампањата.
- Хилари има продавано ураниум како државен секретар на земји од кои Америка може да биде и нападната. Таа е подготвена да згази се пред себе ако има лична придобивка од тоа. Трамп, од друга страна, има просто однесување и може да биде опасен по имигрантите - вели таа.

Шеесетгодишна Македонка која повеќе од 30 години живее во САД потенцира дека ќе гласа за Трамп бидејќи е многу искрен.
- Тој не лаже. Го напушти неговиот светски успешен бизнис и со лично негови пари влезе во кампањата за претседател за да извојува правда и да ја уништи корупцијата на Хилари која е само машина за правење пари и на „тајфата“ собрана околу неа што и ги крие валканите работи. А просечните граѓани немаат поим што им се работи зад грб и само плаќаат даноци. Хилари е марионета на Обама, а на народот веќе му е смачено од Obama care бидејќи немаше никаков ефект. Таа ништо нема да смени, 30 години е во Белата куќа и ништо не направи, зошто да веруваме дека сега ќе биде поинаку - вели таа.

Друга Македонка од Њу Џерси која 17 години живее во САД смета дека на овие избори ниту еден од кандидатите не заслужува да биде претседател, но сепак граѓаните мора да изберат еден.
- Моето семејство е за Трамп. Малку е некултурен, ама се надевам дека ќе го научат како треба да се однесува. Ни се допаѓа зашто гледа напред, ги кажува работите без да ги филува и не се плаши да го прави тоа. Ми се допаѓа и неговиот даночен план. Најавува поголема рестрикција за емигрантите иако и самата припаѓам во оваа категорија. Тој самиот се спонзорира и не зависи од поголеми корпорации да му влијаат врз неговите одлуки. Но, ќе видиме што ќе се случи доколку победи. Можеби ќе испадне и само празно ветување, како и секогаш – вели таа.

Гоце Р., кој 10 години живее во САД вели дека дефинитивно неговиот избор е Хилари Клинтон.
- Можеби не е идеалниот кандидат на демократите, бидејќи Берни Сандрес беше тоа, но сепак е далеку подобар кандидат од дворскиот шут Доналд Трамп. Не се согласувам со ниту една негова забелешка, ветување и политика, така што мојот глас ќе оди за Хилари. Знам дека многумина се залажуваат оти политиката на Трамп е во полза на Македонците, но верувајте, далеку е од тоа - вели Гоце.

Македонката Марија Илкова во САД дипломирала на политички студии и околу 10 години живее во Охајо. Таа не сакаше да зборува за кого ќе гласа, туку да даде општ осврт на моментната ситуација.
- Од моите досегашни истражувања на оваа тема, можам да изведам заклучок дека Македонците во САД, односно оние кои се доселени тука пред многу години, по политичко убедување се поблиски до републиканците. Ова најмногу се должи на фактот што е распространето мислењето дека демократите се традиционални поддржувачи и лобисти на Грците и ги застапуваат нивните интереси кога станува збор за спорот меѓу Македонија и Грција. Сепак, меѓу помладите луѓе се забележува поголема наклонетост кон демократите и нивните даночни и здравствени политики, како и кон мерките кои се однесуваат на високото образование. Односно, нив не им е важна директната или индиректната политика на САД кон Македонија, туку примарно им е претседателскиот кандидат да спроведува политики кои ќе им го направат животот во САД поквалитетен - вели Илкова.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот