X
 01.07.2019 Живот

Средбата меѓу Ким и Трамп на границата: Историја или само шоу за привлекување внимание?

Секако, изгледа историски: претседателот на САД, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, се сретнаа во неделата на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, на земја што е означена како едно од најопасните места во светот. Се ракуваа, а потоа Трамп зачекори над бетонските плочи на Северна Кореја, станувајќи првиот претседател на САД што стапнал на територијата на Северна Кореја.

Но, несомнено моментот создаден за телевизија ги имаше сите елементи на грандиозните намерно создадени фотографии за кои велат дека ја карактеризираат ерата на Трамп.

Што всушност беше тоа? Реално шоу за привлекување внимание? Уште еден чекор напред во историјата во обидите на двајцата лидери да го променат односот обележан со децении недоверба, крвопролевање и фрустрација?

Неделната нереална, малку хаотична средба во поделеното гранично село Панмунџом веројатно беше малку од двете. Во еден момент новинарите и претставниците на безбедносните сили се пробиваа за да го посведочат овој момент.

Што и да беше, историјата најверојатно ќе ја оцени средбата преку една единствена точка: дали ќе помогне во решавањето на проблемот со нуклеарната закана на Северна Кореја?

Вниманието на светот во неделата беше насочено кон демилитаризираната зона што ги разделуваше ривалските Кореи, чекајќи да види дали Ким ќе ја прифати поканата до местото каде што војниците на двете нации технички сè уште се во војна.

Но, експертите сметаат дека со овие средби Трамп се стреми само кон сопствени интереси. Тие истакнуваат дека и покрај целата драма што ги придружуваше состаноците меѓу Трамп и Ким, сè уште ништо го нема решено проблемот: Вашингтон сака Северна Кореја да се движи побрзо кон целосно нуклеарно разоружување пред да ги укине санкциите што Пјонгјанг сака да ги укине; Северна Кореја вели дека САД губат клучна можност со тоа што не прават отстапки со понудата на Северна Кореја да ја укине главната нуклеарна централа.

Постојат огромни сомнежи во односот Трамп-Ким - од навредите на Ким во 2017 година за интелигенцијата на Трамп, ветувањето на Трамп дека ќе ослободи „оган и бес“, до љубовта, почитта и размената на „убавите“ писма по одржувањето на дипломатијата на почетокот на 2018 година.

Критичарите велат дека дипломатијата ги победува заканите, но секојпат кога Трамп се враќа празен од новиот состанок, тој само го легитимира Ким како прифатена нуклеарна сила.

Чувството дека ракувањето и краткиот марш од страна на Трамп и Ким во Северна Кореја би можеле да бидат дел од нешто посебно, делумно е поврзано со тоа колку Северна Кореја и САД успеале да стигнат тука.

Корејскиот Полуостров беше поделен на крајот на Втората светска војна - северниот дел беше поддржан од Советскиот Сојуз, а јужниот од САД. По теророт на Корејската војна од 1950 до 1953 година, таа била поделена по демилитаризираната зона, со команда на ОН предводена од САД, која ја контролираше јужната страна на граничната област.

Од почетокот на 90-тите години Вашингтон и Пјонгјанг се заглавија во конфронтацијата бидејќи Северна Кореја постојано, преку глад, промени во водството, ја градеше својата нуклеарна програма.

И покрај тоа што е отворено за расправа дали состанокот во неделата конечно ќе промени нешто, мора да се каже дека има промени во односот помеѓу Трамп и Ким - нешто што Трамп постојано го споменува.

- Средбата меѓу Трамп и Ким ја унапредува причината за воспоставување нови односи - вели Џон Делју, експерт од Кореја на Универзитетот „Јонеи“ во Сеул, на неговиот твитер-профил.

Исто така, иако е главно за камерите, оваа средба може да ја унапреди дипломатијата. Самитите Ким-Трамп се важни чекори во односите, но тие ги открија и границите на дипломатијата управувана од карактерот на една личност кога не е поддржана од редовни разговори - вели Сузан Димаџо, аналитичар во фондот за меѓународен мир „Карнеги“.

Она што е потребно сега, според Сузан, е сериозна дипломатија што ќе менаџира со неизвесностите што претстојат и решавање низа тешки прашања.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот