Победата на Доналд Трамп во предизборната трка на претседателските избори во Америка го изненадија целиот свет. Посебно со резултатите од изборите се задоволни Русите.
Каква врска има новоизбраниот американски претседател со Русија? Многу луѓе интензивно бараа врска помеѓу Трамп и Русија уште во текот на изборната кампања, кога либерално настроените западни медиуми велеа дека Трамп е „марионета на Путин“ и „штитеник на Кремљ“. Во предизборната реторика на познатиот американски милијардер често имаше неочекувани изјави, а посебно место во нив имаше руската тема. Имено, Трамп зборуваше дека може да се укинат санкциите кон Русија, може да се признае Крим и може да се регулираат односите со Русија доколку тој стане претседател. Сега, кога стана, голем број луѓе (и во самата Русија) со уште поголем жар се обидуваат да ја пронајдат врската на Трамп со Русија.
1. Нереализирана желба: облакодер во Москва
Медиумите знаат за пет посети на Доналд Трамп во Русија, и сите тие беа поврзани со градежниот проект на овој бизнисмен и неговиот конгломерат „Trump Organization“. Трамп прв пат ја посетил Русија во 1987 година заедно со советското раководство и компанијата „Интруист“ да го разгледа прашањето за изградба на модерен хотел, меѓутоа овој проект во СССР не бил спроведен. Подоцна имал планови за изградба на елитни станбени објекти и хотели, бизнис центар, реконструкција на хотелот „Москва“ и „Русија“, продажба на лиценцата „Трамп“ во Русија, изградба на детски забавен центара „Парк на чудата“ (најголем во светот) и на крај, за изградба на облакодерот „Trump Tower“ слична на онаа во Њујрок.
Меѓутоа, ништо од ова не било реализирано. Можеби сега ќе успее да реализира некои од своите идеи.
2. Избор за Мис
Трамп толку сакал да изгради облакодер во Москва што во 2013 година во главниот град организирал избор за „Мис на универзумот“ во периодот кога се очекувало потпишување на договорот со компанијата „Cocus Group“ на Арас Агаларов - најголемата градежна компанија во Русија.
Трамп однел девојки од 86 земји од светот и се надевал дека еден од гостите ќе биде Владимир Путин. „Дали мислите дека Путин ќе дојде на изборот за Мис универзум во ноември во Москва? Ако дојде, ќе стане мојот најдобар пријател“, напишал Трамп на Твитер. Путин не се појавил, но затоа со американскиот милијардер се фотографирале многу естрадни уметници од Русија, на чело со познатиот поп пејач Филип Киркоров. Сега сите тие имаат фотографии со новиот претседател на Америка.
3. Советници
Трамп само што започнал да се занимава со политика, но веднаш започнал од најважните функции. Некои советници од тимот кој работел на проектот „Доналд Трамп - претседател на Америка“ имаат одредени врски со Русија. Шефтот на предизборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт претходно бил консултант на претседателот на Украина, Виктор Јануковиќ. Тој го напуштил штабот на Трамп во август 2016 година. Според податоците од „Financial Times“, во Украина Манафорт работел со преведувач кој имал врски со воената разузнавачка служба со РФ.
Другиот консултант на Трамп, Пејџ Картер, претходно работел со руската компанија „Газпром“, преку инвестициската банка Мерил Линч. И тој го напуштил тимот на Трамп бидејќи постоеле сомнежи дека води приватни преговори со руски функционери за укинување на санкциите доколку победи Трамп, а за тоа се заинтересира ФБИ.
Главниот советник и организатор на прелиминарните внатрепартиски избори на Трамп беше Мајк Капуто. Тој во текот на 90-тите живеел во Русија и бил ангажиран во предизборната претседателска кампања на Борис Елцин. Капуто исто така не стигнал до крај со Трамп - го напуштил тимот на Трамп во јули поради незгодна порака на Твитер (навредил колега).
4. Русите - најдобрите купувачи на недвижен имот
Кaко што еднаш призна синот на новиот претседател на Америка, Доналд Трамп Џуниор, граѓаните на Русија сочинуваат несразмерно голем процент на клиенти во многу проекти. „Од Русија произлегува река на пари“, изјавил тој. А другиот син на Трамп, Ерик, еднаш изјавил дека „Русите се најдобри купувачи на недвижнини“.
Меѓутоа мал број руски договори ѝ се познати на јавноста. Најпозната била продажбата на куќата во Палм Бич за 95 милиони долари на милијардерот Дмитриј Риболовлев, кој се збогатил со продажба на калиум хлорид.
5. Споредбата со Горбачов
Западните медиуми до последен момент се бореа против Трамп, а помеѓу останатото го споредуваа со Михаил Горбачов. Радикалните изјави на Трамп поврзани со надворешната политика на Америка, наводно биле најава за „перестројка“, со тоа што таа, за разлика од онаа на Горбачов би требало да има изолационистички вектор.
Исто така, Горбачов имал во план да ја посети кулата на Трамп, меѓутоа не нашол време за да го направи тоа. Затоа, Русија испратила двојник на Горбачов кој победил на натпреварот за личност која најмногу личи на Горбачов.
6. „Рускиот Колумбо“ на Церетели
Своевремено Трамп дошол до идеја да подигне споменик од Кристофер Колумбо на Менхетен кој ќе биде повисок од Статуата на слободата, па за оваа работа го ангажирал познатиот скулптор Зураб Церетели. Меѓутоа, неколку американски градови не сакале да прифатат „руски Колумбо“. Според соопштенијата на руските медиуми, Церетели ја преработил статуата на Колумбо во Петар Први, кој подоцна бил поставен во близина на Третјаковската галерија на улицата Кримски Вал. Меѓутоа, споменикот не е омилен меѓу граѓаните, бидејќи не е во пропорција со архитектурата на стара Москва.
7. Филмот на Леонид Гајдај
Доналд Трамп во текот на 90-тите му помогнал на рускиот режисер Леонид Гајдај да го сними својот последен филм, комедијата наречена „На Дербисавска улица времето е убаво или на Брајтон Бич повторно паѓа дожд“. Досега никој не обрнал посебно внимание на искажувањето благодарност на крајот од филмот, меѓутоа после изборите, ова се прошири низ социјалните медиуми.
8. Вотката на Трамп во Москва
Трамп често пати го користел своето име за да ги именува плодовите од неговата работа - облакодерите, парфемите, долната облека, па дури и вотката. Во соработка со компанијата „Drirnks Americas“ тој започнал сопствен бренд на вотка, а во 2007 година вотката ја однел на „Саемот за милионери“ во Москва. Таа била поскапа од останатите брендови. Веројатно Трамп се надевал дека неговата вотка Русите ќе ја засакаат повеќе отколку својата. Истата година планирал вотката да ја извезува на рускиот пазар. Дури и бил снимен и соодветна реклама, меѓутоа проектот не заживеал.