За забавата за Ноќта на вештерките во Њујорк може да се добијат просториите на поранешната резиденција на југословенскиот амбасадор во ОН, кој се наоѓа во зградата на Парк авенија во Њујорк, бидејќи атмосферата е и повеќе од погодна
за најстрашната ноќ од годината.
Раскошниот дуплекс апартман на 200 метри квадратни не само што зјае празен 24 години (од заминувањето на последниот амбасадор), туку е во многу лоша состојба: од ѕидовите се лупи бојата, парче гипс паднал од таванот во средината на дневната соба, мебелот и теписоните кородирале од влагата и забот на времето, врз портретите на Тито и уметничките слики има дебел слој на прашина, нечистотијата е акумулирана во каминот, а прозорците пропуштаат, така што ветрот шушти низ куќата, како сениште.
Таква слика како збир за хорор филм се повлекува низ 14 простории, четири спални соби, три гостински (или за послуга), дневна соба со библиотека, кујна, трпезарија и пет бањи.
Неочекуван изглед за таков, десетици милиони долари вреден имот, кој се наоѓа на број 730 на Парк Авенија, една од најпрестижните и најскапите улици за живеење.
Американските медиуми му придаваат важност на бившиот дом на југословенскиот амбасадор, така што ја нарекуваат резиденција на Тито или живеалиште на Маршалот и уште се фасцинирани од југословенскиот лидер и неговиот стил на живот, сосема неочекуван за комунистичките лидери.
Инаку, во зградата нема многу познати имиња, само прв сосед на Југословенците бил Мајк Валас, поранешна ТВ ѕвезда и водител на информативната програма „60 минути", кој живеел во стан од другиот ходник, се до својата смрт во 2012 година. Неговиот стан бил продаден за 20 милиони долари. Истата судбина ја чека и Титовата резиденција која, барем судејќи според приказните на соседите, речиси никој не ја посетува: клучевите се наоѓаат на приземје, кај вратарот покрај кој не може ни мува да влезе во зградата, а камоли да се прошверцувате до некој од 20-те катови.
Самата зграда била изградена во 1928 година од црвени тули на Парк авенија помеѓу 70 и 71 улица, а е проектирана во нео-ренесансен стил од архитектот Лафајет А. Голдстон, а поголемиот дел од 40 станови се дуплекс. Имотот во сопственост на поранешна Југославија, која за него платила во кеш 100,000 долари во 1975 година, се наоѓа меѓу поубавите, на 16-ти и 17-ти кат со четири тераси. Со три тераси со поглед кон целата источна страна на Менхетн и реката Ист, а само од едната страна на балконот може да се види едно прекрасно зајдисонце над Централ Парк, еден дел од Медисон авенијата во Њујорк, на кој има луксузни бутици на познати модни куќи, додека на уличниот агол се наоѓа Епископската црква на Свети Џејмс.
Во непосредна близина, само еден блок подалеку на број 740, Амбасадата на Франција, пред две години го стави на продажба малку поголемиот дуплекс по цена од 48 милиони долари, а агентите за недвижности советуваат станот на Тито да се санира пред да се продаде за на тој начин да добие повисока цена.
Со распадот на Југославија се оставени многу недвижнини во целиот свет (се спомнува бројка од 51), а поделбата на дипломатско-конзуларниот имот на поранешната држава почнала, иако не без прекин од 2004 година, кога стапил во сила договорот за прашањето на наследување. Заедничкиот комитет за сукцесија на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна Југославија се состанале по 18-ти пат оваа година на 21 октомври во Брдо кај Крањ, а потоа овластените претставници на земјите-наследнички: Аднан Хаџикапета Новиќ од Босна и Херцеговина, Тончи Станичиќ од Хрватска, Вељко Одаловиќ од Србија, Александар Угриноски од Македонија и Станислав Видовиќ од Словенија ја усвоија резолуција.
Станува збор за преземање чекори за заедничка продажба на недвижен имот во Бон, Берн, Токио и Њујорк, кој се води како Анекс Б, чија вредност се проценува на 42,7 милиони долари (но пазарната цена е секако многу повисока). По сукцесијата одлучено е дека на Хрватска и припаѓаат 23,5 проценти (до сега, наводно, 12 недвижности), а најголем дел на Србија, 39,5 проценти.
Преговорите, како што се претпоставува, не одат толку лесно. Уште од 1992 година и војната во Југославија, последниот амбасадор на Обединетите Нации, Дарко Силовиќ, по националност Хрват, лут на српската агресија на Хрватска, не сакал да ги земе клучевите од резиденцијата на Парк авенија и да ги предаде на неговиот наследник, српскиот амбасадор. Така се одлучил да му ги предаде клучевите на тогашниот генерален секретар на ОН, Бутрос Бутрос Гали и од тогаш, на некој начин се води тивка битка за 14 собниот апартман.
Во моментов, Србија плаќа за негово одржување односно 13.400 долари месечно или 161.000 долари годишно, но затоа и понатаму ја користат трокатницата на број 854 на Петтата авенија и 67-та улица, каде е седиштето на српската мировната мисија на ОН. Од оваа мала зграда, како и имотот во Берн и Токио, српските дипломати ќе мора да се иселат, а уште се дебатира за тоа што да се прави со напуштениот имот во Бон, за кој се говори дека има намера да се претвори во трговски центар.
Во секој случај, треба да се почека до следниот состанок на Мешовитиот комитет, закажан за март 2017 година во Белград. Така Титовиот апартман на Парк авенија ќе биде недостапен за уште некое време и за јавноста и за купувачите. Но, штом еднаш се огласи за јавна продажба, се поставува прашањето на кого ќе припаднат предметите од станот: портретите на Маршалот, сребрени, порцелански сервиси за храна, предмети за домаќинството и уметничките дела.
Што се однесува на уметничките дела одлучено е да му припаднат на државата од која потекнува уметникот, но дали останатиот инвентар ќе се продаде на јавно наддавање или во пакет со станот, ќе дознаеме со текот на времето.