Заслужени аплаузи си доби дел од екипата на филмот „Игла под прагот“ синоќа во киното „Фросина“, во рамките на програмата „Синебалкан“ на филмскиот фестивал „Синедејс“.
И со секое право, салата во МКЦ беше полна до последно место за премиерата на годинашниот претставник на Црна Гора за наградите „Оскар“, од неанглиско говорно подрачје. Причината за тоа беше, меѓу другото, и македонското учество во филмот. Имено, иако „Игла под прагот“ во режија на Иван Мариновиќ не е официјална копродукција со Македонија, во филмот имавме многу важно учество. Извонредна улога креирал Никола Ристановски, играјќи го отецот Петар, свештено лице со многу свои проблеми и не баш омилен кај мештаните. Помала, но битна епизода игра бардот на македонскиот театар, Митко Апостоловски, а музика во негов пропознатлив манир компонирал Тони Китановски.
Иако е дебитантски, филмот на Мариновиќ е направен непретенциозно, како топла човечка приказна, која може да се случи насекаде. Ја третира верата, суеверието, менталитетот на малото место. Гостин на фестивалот беше и режисерот Мариновиќ, а кратката програма „Прашање и одговор“ ја водеше филмскиот критичар Влатко Галевски. Ристановски беше видно радосен на полната сала, особено што српско-црногорскиот филм го виде македонската публика. Во филмот Ристановски е во друштво на врвни актери од регионот: Леон Лучев, Богдан Диклиќ, Јелисавета Саблиќ, Љубомир Бандовиќ и други.