Тимот на „Светот на Биби“ му посака добредојде на еден од најдобрите актери во Македонија и регионот – Никола Ристановски. Тој ќе го позајми гласот и ќе биде дел од создавањето на ликот на тато Тино, таткото на Биби. Од продукцијата уште еднаш потврдија дека децата се најважни и го заслужуваат само најдоброто. Тоа се гледа и во изборот на членовите на тимот кој работи на нивните содржини.
- Не помнам дека во последните 10 години сум правел нешто поважно и посуштинско од ова. Ми се допаѓа кога кај нас се работи суштински и визионерски, а јас верувам дека овој проект е токму таков во многу нешта. Зошто? Што и да сакаме да се унапреди во една држава, почнува со образование и здравство. Додека образованието почнува со цртан филм. Покрај учењето на јазикот, тука се учат и некои основни вредносни прашања. Затоа јас воопшто не се прашував дали треба да бидам дел од тимот. Она што се прашувам е како можам да придонесам за овој проект да се развива - вели Никола Ристановски за неговиот ангажман во „Светот на Биби“.
Актерската екипа на „Светот на Биби“ ја сочинуваат: Слаѓана Вујошевиќ – Биби, Сашко Коцев – Боби, Сашка Димитриевска – мама Ана и од неодамна Никола Ристановски како тато Тино. Од „Светот на Биби“ велат дека соработката со актерот се планирала веќе некое време, но се очекувал вистинскиот момент тој да се вклучи поактивно во тимот.
Ликовите на мама Ана и тато Тино имаат цел да им помогнат на родителите што ги следат цртаните во процесот на воспитување на нивните деца. Тие раскажуваат приказни, ги чуваат своите паметни и љубопитни деца и одговараат на најкреативните, детски прашања.
Преку првиот цртан на македонски јазик тимот на „Светот на Биби“ креира интересни анимирани видеа и сказни кои имаат цел да подучуваат и да едуцираат. Преку цртаните тие учат за македонскиот литературен јазик, природата, математиката, емоциите, пријателството и многу други, нови нешта. Гледањето квалитетни содржини за деца директно влијае врз развојот на идните генерации. Токму затоа, од огромна важност е тимот кој ги создава овие содржини да биде квалитетен и целосно вклучен во креирањето на овие цртани.