Добрите професори ќе те научат дека си важен, дека можеш да промениш многу работи, дека многу работи зависат од тебе, дека знаењето не е бесмислено, дека чувството и топлината не се заборавени категории. Таквите професори се многу ретки, но ги има и навистина се привилегирани тие млади луѓе што ги среќаваат - вели нашиот познат актер Никола Ристановски.
Секој што некогаш бил студент со радост се навраќа на студентските денови. Постои убава носталгија во младоста, кога иако преокупирани со испити, обврски, неспани ноќи, години подоцна сето тоа ни изгледа многу романтично. Понесени токму од тоа, fakulteti.mk одлучи да ги врати назад во времето нашите познати личности. Оваа рубрика ја започнуваме со актерот Никола Ристановски. Некако на заемно задоволство, меѓу многу патувања, промоции, награди, најдобриот македонски актер одвои време на нашите читатели да им сподели каков студентски живот живеел пред 25 години, со какви предизвици се соочувал и кои се најважните лекции што ги научил токму од тој период. И беше радосен на можноста да разговара токму за тој период.
Ристановски денес е првенец на Македонскиот народен театар. Тој е актер со најмногу улоги на филм во последните десетина години, а неговиот актерски шарм и маестралност низ годините беа препознаени и во регионот пошироко. Снима филмови не само на македонски јазик, игра претстави на српски, црногорски, само последнава сезона имаше шест насловни улоги. Есенва е особено актуелен со главната улога во црногорскиот филм „Игла под прагот“, за која освои и актерска награда на Босфорскиот фестивал во Истанбул.
СЕКОЈ МЛАД ЧОВЕК ВИНАТА ЈА БАРА КАЈ ВОЗРАСНИТЕ
Тој е еден од оние актери што не биле примени на Факултетот за драмски уметности при првиот обид. Дури на четврти обид комисијата се смилувала да му дозволи да си го оствари својот сон.
- Се запишав во 1989 година. Јас имав многу обиди да влезам на академија, иако некогаш ми се чини дека можеби и не беа доволно добри, во две години имав четири обиди, а во меѓувреме бев во војска, па после четири обиди, се смилуваа и ме запишаа. Веројатно упорноста беше и е битна работа. За приемните испити спремав амбициозни монолози. Бев некако врзан за едно четиво што се викаше „Злосторство и казна“, кое отпосле се испостави дека е многу важно за мене, меѓутоа, никогаш не ме примија токму со него. Бев примен со нешто од Горан Стефановски – вели Ристановски.
Признава дека никогаш не се посомневал дека тоа не е местото за него.
- Можеби од оваа дистанца и ракурс, не сум бил во право и не сум бил доволно добар. Можам да разберам зошто не ме примиле, не е тоа ништо ненормално. Но, да не ме примеа никогаш, можеби немаше да најдам разбирање. Сега можам да разберам, ако се потрудам. Секој млад човек си вели дека возрасните згрешиле, младите и треба да се сомневаат во одлуките на возрасните. Ми се чини дека дури подоцна доаѓа времето кога грешките ги бараме и ги наоѓаме и во себеси. Тоа е веројатно дел од зреењето.Секој умен човек се сомнева и во себеси, и тоа е здраво. Не може сѐ да не чини, а само твоето да е апсолутно точно и сите професори да те мразат – категоричен е актерот.
Актерството не било нешто што го фантазирал од дете или макар од средношколски денови. Случајно се појавило како избор, но и за него добил своевиден знак, дека тоа е тоа. Средно училиште учел во Градежниот училиштен центар „Здравко Цветковски“. Имале драмска секција со која подготвиле претстава и учествувале на натпревар во Хрватска, каде што биле толку добри што мислеле дека се професионални актери, а оттаму се вратиле со награда. Тој проект бил пресвртница за Никола.
- Секогаш мора да постои некој импулс, јас до пред тоа немав ниту идеја да се занимавам со тоа. Се разбира, тогаш ми влезе црвот. ГУЦ беше средно школо кое немаше никаква врска со театар. Тоа кажува дека школото или градот никогаш не ја одредува твојата определба, ама секогаш се појавуваат одредени знаци или професори што ќе ти подотворат пат. Нада Гешоска беше една од најзаслужните за мојата определба, таа беше во комуникација со мојата професорка по македонски и во еден момент ѝ рекла:„Детево не би требало да се запише на архитектура“, нешто со кое бев фасциниран во тој период. Немав премногу желби, не одев во екстреми, не сум имал некои фикс-идеи неостварени, како секој нормален човек, размислував да се занимавам со нешто што не би ми било тешко да го правам и што би ми овозможило нормална егзистенција и, по можност, да не сум морал да станувам во 5 часот наутро – се шегува Ристановски.
ПИШАВ КВАДРАТ УШТЕ ВО ПРВА
Бил примен во класата на професорот Кирил Ристески. И како што често биднува, ја повторил бруцошката година.
- Кога ја повторив годината, станав дел од класата на професорот Владимир Милчин. Како што е редот, за да избегнам малери во иднина, во прва година квадрирав. Нашиот факултет е специфичен и не се должи секогаш на тоа дали си учел редовно. Можеби не задоволував нечии критериуми, што од денешен аспект сосема ми е прифатливо. Денес на ова гледам како на многу романтично сеќавање, а тогаш, се разбира, бев малку и лут, можеби незадоволен, уплашен, ама тоа се нормални ситуации за млад човек, во таа фаза од животот – се потсетува Ристановски и нагласува дека имал одлични колеги, нешто што е многу важно за нивната професија.
- Бевме компактна класа со одлична комуникација. Ние не сме многубројни во класите на нашиот факултет, станува збор за десетмина и еден од најголемите квалитети е што класата си наоѓа свое заедничко. Оттогаш и во сиве овие години сфаќам колку е важно квалитетни индивидуалци да си најдат нешто свое заедничко. Тоа е особено битно во театар, а и во секоја професија. За мене тоа е како хор, каде што не е поентата секој член да се шлепува зад другиот и само да отвора уста, за мене, хорот е збир на солисти и доколку не е збир на солисти што наоѓаат нешто заедничко, тогаш тоа не е квалитетен хор – вели тој.
Нешто што многу ги зближило во текот на студиите биле токму првите професионални претстави.
-Убаво беше што ние имавме заеднички проекти уште додека студиравме. Во раните 90-ти години се ослободи простор и многумина од нас уште на студии влегуваа во професионалните театри, што на замена, што како улоги, луѓето во театрите нѐ запознаа и на некој начин почнаа да ни доделуваат и потешки задачи. Голем дел од актери од тој период влегоа во ансамблите. Ансамблите тешко се обновуваат и на новите генерации им е исклучително тешко, меѓутоа, не мислам дека треба да се биде во комотна позиција, дека ако еднаш влезеш во театар, си завршил работа. Нашата работа емногу да се преиспитуваме, и тоа особено во првите дваесет години од професијата. Еден голем дел од талентираните луѓе никогаш не добиваат можност да играат, но имам впечаток дека не е голем процент. Театарот е жива материја. Сакам да го споредувам со фудбалски клубови. Ако еден фудбалски клуб нема постојан дотур на нови сили, а не го црпи и искуството од постарите играчи, тогаш престанува да биде голем клуб – вели Никола.
СТУДЕНТОТ ИМА НЕКОМОТНА ПОЗИЦИЈА
Се потсетува дека имал исполнет студентски живот, кој се состоел од сите работи што претпоставува дека и денешните студенти ги прават.
- Ништо не се променило, се собиравме по станови, студентски домови, студентот имаше некомотна позиција, живеејќи во своите сутеренски простори, мечтаејќи за поубав свет, но тоа со мене пак имаше допир со „Злосторство и казна“ и ми беше природно да ми биде така. Па се прашуваш што ќе биде утре, дали сум разбран, дали сум доволно талентиран, дали ќе го работам тоа што го сакам...Но, се сеќавам дека имаше многу надеж. Можеби, тоа било и моја фикција.
Една од многу важните работи што секој студент треба да ги направи за време на студиите е да најде добри професори, односно да има касмет да наиде на такви, нагласува Никола. Тој имал доволно такви, на кои им е многу благодарен.
- Можеби една од најважните работи во учењето, не само на факултет, на академија, ами и во средно училиште, е некој професор, некој што ќе ти го поплочи патот, не да ти го даде она што го немаш, ами да ти го разбуди она што го имаш. Да ти разбуди љубопитност, желба, дисциплина. Таквите професори се многу ретки, но ги има и навистина се привилегиранитие млади луѓе што ги среќаваат. Добрите професори ќе те научат дека си важен, дека можеш да промениш многу работи, дека многу работи зависат од тебе, дека знаењето не е бесмислено, дека чувството и топлината не се заборавени категории. Во таа смисла, денес многу повеќе со задоволство се сеќавам на многу професори од средно, а и на факултет, кои со некои свои нешта биле присутни во мојот живот и ми помогнале да се развијам како што сум се развил. Тоа е исклучително осетлива работа. Нема да споменам имиња оти некого би заборавил, а за среќа има доста имиња – вели актерот.
Вели дека бил просечен студент. Не бркал оценки, учел кампањски, но бил бунтовен.
- Како и поголем дел од студентите, учев по потреба. Бев доволно мрзлив, но и доволно фанатичен во моментитеза кои сметав дека се важни. Бев фанатичен да се откажам од многу други работи и сметам дека фокусот врз она што сакаш да го правиш е една од најважните работи, сето она друго наоколу што ни се појавува како магла ни дава право некогаш да бидеме мрзливи, понекогаш да се чувствуваме дека е непотребно да го правиме. Дали бев бунтовен? Без бунт не можете да ја работите оваа професија, но бунтот сам по себе не е доволен. Тој мора да се канализира, да се надополни со ништо друго, ами со знаење и умеење. Оти бунтот сам по себе никогаш ништо не сменил. Мораме да ги разбереме механизмите, кај сме, зошто сме, во кој контекст, што не е убавото и сето тоа на некој начин да го реализираме. Бев сето она што е просечен студент кој сака да се радува, да живее. Да ми го погледнете индексот, ќе сфатите дека не бркав оценки. За време на студиите почнав да развивам однос кон учењето и почнав да селектирам што е всушност важно за да се потрошат саати и саати, ама не бев по секоја цена некој што ќе седне и ќе изнаучи еден рид материјал – признава Никола, кој дипломирал во 1993 година, а дипломската работа не ја доживеал воопшто стресно зашто веќе играл во театар.
Една од придобивките на студирањето му било токму навиката за читање.
- Многу читав, тоа ми остана од студентски денови и убавото со нашата професија е што секогаш се појавува некој нов материјал кој те тера да се продлабочиш или, пак, да се навраќаш на веќе позната литература, но секое препрочитување е ново и интересно. Ги советувам младите никогаш да не престанат да читаат за тоа што ги интересира.
ЗАДОВОЛЕН СУМ СО СРАБОТЕНОТО
Тој ни објасни дека отсекогаш му било многу важно да биде финансиски независен. Тоа го доживеал кога бил млад, уште со првите проекти во театар.
Дипломската работа не ја доживеав како траума оти веќе играв во театар и беше некаква формалност. На прашањето дали се гледа себеси како професор, Никола вели:
-Искрено, не се гледам во таа улога. Малку ме плаши одговорноста што ја носи таа професија и битното влијание што го има професорот врз студентите. Не знам дали би можел да се носам со тоа. Инаку, сум имал можност да одржам мастер-класи на факултети и надвор од Македонија, ми значело тоа искуство и заинтересираноста на слушателите. Некако кога студиравме ние, немавме многу шанса да слушаме од поискусни колеги, да ни споделат...Сметам дека тоа е многу важно за студентите. На прашањето од денешен аспект, дали е задоволен од својата кариера, тој вели:
- Би било нескромно да кажам дека не сум. Со повеќе од 60 улоги во театар, 20-ина на филм, нема зошто да не бидам задоволен. Проектите ги избирам интуитивно, немам големи планови за себе, а кога ги немам плановите, обично ми е случуваат многу работи. Во 2016 имав шест насловни претстави, мислам дека ќе одморам малку во изборот на нови претстави вгодина, оти треба да здивнам.
Средбата ја завршивме со убава честитка упатена до нашите читатели:
- Во Новата година на сите им посакувам многу здравје, радости и мир. И сериозно го мислам ова, оти е најбитно!