Финците размислуваат за поврзување на Хелсинки со шведската престолнина Стокхолм, со веројатно најбрзиот транспортен систем на иднината, Hyperloop, на компанијата Hyperloop One. Патувањето меѓу двата града ќе трае само 28 минути.
Технологијата со која располага американската компанија и која веќе е претставена пред светската јавност во повеќе прилики, би овозможувала само за 28 минути да се помине растојанието меѓу двата града, кое изнесува околу 500 километри, со брзина од 1200 километри на час.
Проектот наречен Hyperloop Fince предвидува ископување тунел под Балтичкото Море, а проектираната цена е околу 20 милијарди долари.
Преговорите помеѓу Финска и Hyperloop One се водат во врска со техничките детали, финансирањето и безбедносните мерки поврзани со системот. Од финската страна, преговорите ги води Финскиот центар за технички истражувања, VTT, Финската агенција за финансирање на технологии и иновации Tekes, како и неколку фински министерства, пренесува финската телевизија Yle.
Финците размислуваат прво за пробна траса меѓу градовите Сало и Турку во југозападна Финска, низ која би поминувала главната линија Хелсинки-Стокхолм. Со иградба на овој систем, Финска би била првата земја во светот што би го вовела транзитниот систем Hyperloop.
После тоа, трасата би се продолжувала во двете насоки, кон Хелсинки и кон Стокхолм. Ако се реализира овој проект, тоа би бил еден од најголемите подземни тунели во светот.
Се проценува дека картата во една насока со овој систем би чинела нешто помалку од 25 евра, што се споредува со цената на градскиот такси превоз во Хелсинки или Стокхолм.
Финците, исто така, размислуваат и за Hyperloop тунел под Финскиот залив кон естонската престолнина Талин, која е популарна дестинација за многу Финци, кои таму ги поминуваат викендите. Но, како пречка за овој план се геолошките истражувања кои покажуваат дека од естонската страна голем проблем е меката почва и подземните води.
За потсетување, и Русија преговараше со Hyperloop One за изградба на транзитен систем околу Москва, за да се забрза транзитот од руралните делови околу Москва со центарот.