X
 02.01.2017 Економија

Експеримент во Финска: Ќе добиваат плата и без работа


Финска е првата земја во светот што ќе го тестира експерименот на безусловен приход за граѓаните. Невработените ќе примаат 560 евра.

Паричник со банкноти

Станува збор за концепт што се дебатира подолго време. Некои го сметаат како мотивација за невработените, а другите како идна фаза на капитализмот.

Избрана група од 2.000 невработени во Финска, од почетокот на годинава ќе примаат 560 евра „плата“ што не е поврзана со никакви услови - не мораат да работат, а не мораат ниту да бараат работа.

Со тоа Финска станува првата земја во светот што го почна експериментот за кој размислуваа многу други земји. Целта е во првата фаза да се констатира како неусловената плата ќе влијае врз однесувањето на граѓаните.

Средствата ќе ги исплаќа финската служба за социјална помош  „Кела“. Треба да се потенцира дека со предвидениот износ за исплата не значи дека  може удобно да се живее во Финска, каде просечната плата е околу 3.400 евра, а трошоците на живот се застрашувачко високи.

Но, тоа не е смислата на овој базичен приход, објаснува Марјука Турунен, која е на чело на правната служба на „Кела“:

„Сметаме дека ова би можело да биде одличен поттик за луѓето да прифаќаат барем мали работи на определено време. Досега и невработените многу тешко ги прифаќале ваквите работи, плашејќи се дека на тој начин ќе паднат на дното на скалата на чекање во случај да се појави вистинска работа. Се разбира дека тука е и проблемот со даноците, затоа што доколку тој приход се собере заедно со помошта што ја добиваат, по пресметката на данокот, понекогаш во џебот им останувало помалку отколку воопшто да не работаат.“

Во новиот концепт тоа е сосема поинаку: на базичниот безусловен приход не се плаќа данок, дури и ако најдат некоја привремена работа и заработаат нешто дополнително. „Тоа ќе им обезбеди финансиска сигурност. Можат да бидат сигурни дека овој износ ќе го добијат навреме. Што ќе прават со него, е нивна работа“, објаснува Турунен.

Иднината на пазарот на труд

Учесниците во експериментот се бираат по пат на лотарија меѓу лицата на возраст од 25 до 58 години, а кои во ноември 2016 примале помош за невработени. Избраните биле известени на 31 декември, без право да го одбијат учеството во експериментот.

Во институциите за социјална грижа се убедени дека „примарната цел“ на експериментот ќе биде поврзана со промоција на вработувањето. Предвидено е експериментот да трае две години и во Финска се надеваат дека ќе може да се прошири на поголем број граѓани, доколку добие одобрување од финската влада.

Во расправите за базичниот приход се слушаат и критики дека ова може да резултира и со намалена мотивација за барање работа. Но, факт е дека работната средина во денешното општество значително е променета  во споредба со не така далечното минато. Во индустријата сè помалку има потреба од едноставна работна сила, а сè повеќе се бараат експерти кои ќе управуваат со компјутерите.  Затоа заговорниците на безусловниот приход тврдат дека во еден момент тој ќе стане неопходен затоа што ќе нема доволно работни места за вкупното работоспособно население.

И други земји експериментираат

Базичниот приход сè уште се спротивставува на востановената капиталистичка претстава дека парите единствено треба да се заработат. Швајцарија минатата година спроведе референдум во кој се предлагаше безусловен месечен приход од 2.500 швајцарски франци (околу 2.300 евра). Вредните Швајцарци овој предлог го одбија со убедливо мнозинство.

За слични модели се дебатира и размислува и во другите земји, не само во имотните држави какви што се Финска и Холандија, туку и во Кенија и Индија.

Канада според одважноста е веднаш зад Финска: во покраината Онтарио за 2017 година  е предвидено исто така да се спроведе експеримент во ограничен размер. Основа на таа иницијатива е мислењето на поранешниот конзервативен сенатор Хју Сегал кому му здодеала постојаната расправа меѓу заговорниците и противниците на таквиот концепт, бидејќи и едните и другите аргументираат исклучиво на теоретско ниво. Затоа сенаторот смета дека работите треба да се проверат во пракса, па без предрасуди да се види дали тоа може да функционира.

Затоа канадскиот сенатор предложи програма што ќе трае три години. Избраните лица ќе добиваат по 1.320 канадски долари месечно (околу 930 евра), а се предвидува во истиот да бидат опфатени и лица со инвалидитет. Тие ќе примаат по 1.820 долари месечно (1.280 евра).
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија