Зимбабве воведува уште една валута што ќе се вика долар и засега ќе вреди колку и доларот. Но, нема никаква врска со американскиот долар.
Оваа постапка, државата ја образложува со обидот да се ублажи хроничниот недостиг од пари.
Зимбабве досега користела
различни валути, откако нејзиниот долар, како национална валута, бил срушен и повлечен од употреба заради хиперинфлацијата и масовното печатење пари.
Поради тоа, владата на оваа држава, покрај американскиот и австралискиот долар, одлучила да ги воведе и јужноафриканскиот ранд, еврото, британската фунта, јапонскиот јен, кинескиот јуан, индиската рупа и африканската пула.
Колапсот на економијата значел дека жителите на Зимбабве мораат да купуваат сè од странство, од флаширана вода до чепкалки за заби, а тоа значело непрестано одливање на пари од земјата.
Сега Зимбабве се обидува со новите апоени од два и пет долари, да ги олесни барем локалните трансакции.
Многумина веруваат дека овој е прв чекор кон повторно воведување единствени домашни валути. Новите монети дури и изгледаат како стариот долар на Зимбабве.
Луѓето почнале да се собираат пред банкоматите со надеж дека ќе ги заменат американските долари. Меѓутоа, некои продавници одбивале да ги прифатат новите банкноти, а други велеле дека немаат друг избор.
Економските аналитичари не можат да ја одгатнат целта на воведувањето нови монети како платежно средство во Зимбабве и предупредуваат дека тоа само ќе ја влоши состојбата во државата.
„Поголемиот број компании ја увезуваат својата стока, така што девизите се неопходни, а не новата валута чие воведување само ќе ги истера странските инвеститори и ќе ја зголеми кризата во државата“, прокоментирал еден економист од тамошниот државен истражувачки институт.
Валутната криза во Зимбабве почнала во 2000 година, кога владата спроведувала агресивни државни реформи. Комбинацијата од санкции и губитокот на довербата во економијата, довеле до пад на доларот во оваа земја.