Во среда, на 21 декември 2016 година, во 11 часот и 44 минути, во Република Македонија и на северната полутопка почнува зимата, а на јужната полутопка започнува летото. Воедно, средата на северната полутопка ќе биде најкраток ден во годината (краткоденица), а на јужната полутопка ќе биде најдолгиот ден (долгоденица). Во Република Македонија, најкраткиот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќта пак (21.12-22.12), ќе биде најдолга за 2016 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од четвртокот (22.12), ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите и тоа до 22 јуни 2017 година. Според среднорочните прогнози на AccuWeather и повеќе други метео-центри, оваа зима на Балканот и во Македонија ќе биде малку постудена и посушна од просекот за нашите подрачја. Нешто пообилни врнежи од снег се очекуваат во месеците јануари (по перихелот) и февруари, а ниски температури ќе има речиси до крајот на март.
Причина се очекуваните спуштања на ладен арктички воздух и намалената сончева активност во овој период.
Зимата астрономски ќе заврши на 20 март 2017 година во 12 часот и 29 минути, за време на пролетниот еквиноциум (рамноденица) и во тој момент ќе почне пролетта. Инаку, на 4. јануари 2017 година, Земјата ќе биде во перихел – најблиску до Сонцето (на околу 147 милиони km), што особено ќе го почуствуваат жителите на јужната полутопка преку високите летни температури во тој дел. Деновиве, интересна појава е изразито светлата Венера која се гледа на западниот хоризонт по заоѓање на Сонцето, што предизвикува внимание и восхит.
Ви посакуваме на најубав начин да ја искористите најдолгата ноќ во 2016-та година од речиси 15 часа!
Подготвил: д-р Ивица Милевски / иГео