X
 21.08.2016 Живот

Што точно се случи на 6 август 2016 година во Скопје?

На годишнината од катастрофалните поплави во Скопје, ви пренесуваме текст на професорот Ивица Милевски напишан по непогодата.


Тоа сончево попладне, на 6.08.2016 година, по стручните презентации и теренските екскурзии со студентите од летната школа за зачувување на природата во Делчево, заедно со професорката од Филозофскиот факултет, решивме да тргнеме за Скопје. По пријатни и неврзани муабети, некаде од Штип кон Велес добивме телефонска информација за големо невреме кое започнува во главниот град. Сепак, претпоставував дека како и обично, додека да стигнеме во Скопје, невремето ќе помине како ништо да не се случило. Сепак, го поминавме Катланово, а невремето се чинеше се пожестоко и пострашно. Кај патарината Петровец, сосема слаб дожд, но на десетина километри од нас, постојано молњи и тоа какви! Бидејќи професорката живее на спротивниот крај на Скопје, предложив да тргнеме по обиколницата за да го избегнам градскиот метеж при ваков дожд. Некако во последен момент, сепак свртев кон градот, а автомобилот се потешко се пробиваше низ дождот каков до тогаш немав видено, возејќи посебно внимателно. Повремено се чудев гледајќи десетици возила како ме престигнуваат и јурат по уличните реки, при видливост од едвај дваесетина метри. Како да сакаа што побрзо да побегнат со семоќните автомобили.


До првите семафори кај Автокоманда, ми стана јасно дека ова сепак не е вообичаено невреме, туку навистина нешто големо. Тука веќе сообраќајот беше блокиран. Се обидов кон Влае да тргнам преку сите можни правци, но без успех. Ниските делови и подвозници веќе беа потопени, сообраќајниците со право блокирани, а улиците претворени во реки. По тешко маневрирање низ улиците околу Автокоманда и дождот кој никако да намали, решивме да се засолниме во најблиското кафуле додека да помине жестокото. И навистина, по половина час, околу 20.30, малку се смирија грмотевиците и дождот. Мислев дека заврши невремето и дека најверојатно последиците не се толку страшни како што почнав да претпоставувам. Повторно тргнавме да го бараме патот кон Влае. И повторно блокирани патишта, општ застој на сите страни, освен возилата на полицијата, противпожарните… И повторно силен дожд со ветер. Се сетив дека можеби има шанса по патчето покрај Земјоделски кон ПМФ и Бит Пазар. Некако поминав и излегов на булеварот, а тој заезерен токму пред раскрсницата за Бит Пазар. Сепак, се решив да преминам, бидејќи ми се чинеше дека длабочината не е повеќе од 10-20 см. Внимателно ги поминавме тие стотина метри и продолживме кон Трошарина и кон Влае. Натаму пак, како друга приказна, послаб дожд иако целата атмосфера беше во најмала рака како од хорор филмовите. На враќање кон Автокоманда (каде живеам), веќе првите повици од домашните дека водата почнала да продира покрај прозорците. Успеав за половина час, некаде околу 21.20 да се вратам, а врнеше со речиси ист интензитет како и претходно. Со домашните (патем, целосно преплашени), некако ги саниравме налетите на вода, се средивме и погледнав дека врнежите постепено престанаа. Сепак, почнаа да се слушаат сирени од возила на итна помош, полиција, противпожарни, воени. Ми беше јасно дека се случи поплава, но повторно оптимистички, веројатно без трагични последици. Сепак, информациите од медиумите беа поинакви, а ноќта ја поминав во следење на информациите и во барање на одговорот: што всушност се случи.

Што се случи?

Денес, 15 дена по овој трагичен настан и голема временска непогода на Скопје (која според некои е резултат на „виша сила“, на ХААРП и секакви други теории), се`уште целосно стојам зад фактите што ги напишав на ИГЕО, само десетина часа по невремето. Зошто? Затоа што месеци, па и години наназад (всушност уште од почетоците на мојата магистерска во 1998 година) ги истражувам геовредностите, релјефот, природата па и заканите по преубавата Скопска Црна Гора и нејзиното подножје (како впрочем и на целата држава).

При сите тие истражувања видов многу нешта: претерано обешумени терени посебно на јужната планинска страна, бесправна сеча и на тоа малку што останало во повисоките делови, земјени патишта претворени во бразди и јаруги, сливови претворени во порои, ерозија до незамисливи граници (доволно е да се посети и разгледа појасот Побожје-Црешево-Арачиново-Орланци-Никуштак), како и „траги“ од напорите што биле правени од 50-тите до 80-тите години на минатиот век за уредување на сливовите. Да се разбереме, шумите на оваа планина не се уништувани само во последните 10 или 20 години, туку во минатите векови. Вегетацијата некаде природно се обновувала, а во наведениот период од минатиот век и со интензивни пошумувања. За жал и тоа што е пошумувано или обновено, во голем дел повторно е исечено. Ја гледав мрежата на дренажни, анти-поројни канали на деталните карти од 70-тите години кои тргнувале од под самата планина, кон Блатија и Вардар – огромен вложен труд, веројатно со добра причина. Меѓутоа, во последните децении, нивната пропусна моќ драстично е намалена, а некаде едноставно „ги нема“. За волја на вистината, се случува и нешто на кое тешко може да влијаеме во идните 100 или 200 години: климатските промени; промени со недоволно познат исход.

Довчерашните сценарија тврдеа дека во однос на референтната 1990 година, во 2050 година, Македонија ќе биде многу посушна, посебно во летата. Се чини не е баш така. Споредбите на најновите податоци (1991-2015) покажуваат дека годишните количества на врнежи дури и малку се зголемени во однос на референтниот период 1961-1990 година, но изразито нерамномерно. Поточно, се почесто има појави на интензивни, поројни врнежи за краток временски период и тоа во речиси сите годишни сезони. Некогашните 100-годишни екстреми од 80 до 100 mm/ден, веќе станаа 10-20 годишни за најголем дел од територијата на Македонија. Ако се следат трендовите и примерите на Балканскиот Полуостров, веќе треба да сметаме на дневни екстреми од 150, па дури и 200 mm/ден, односно барем на 100 mm за 3 часа. Согласно тоа, како и сите други природни фактори, посебно релјефната конфигурација, геологијата, почвите и др., треба да бидат планирани, димензионирани и изведувани соодветните превентивни мерки, кои ќе бидат во насока не само за заштита од поплави, туку и од свлечишта, одрони, прекумерна ерозија и други хазарди.


А одговорност?


Претерана ерозија и поројност во јужното подножје на Скопска Црна Гора, главно поради оголеноста.

Сите сме донекаде одговорни. За жал, овде во Македонија природата се`уште најчесто ја гледаме само како неисцрпен ресурс, можност да се искористи што повеќе (дали се тоа шуми, земјиште, песок, камен), без никој да не види, замери или казни. Затоа дел од планините станаа „гола пустош“, „ранети“ со стотици каменоломи, речните корита се „извори“ на бесплатен песок и чакал, каналите одлични места за депонии и градежен шут, а плодните и влажни земјишта „одлична подлога“ за куќи и згради (до првиот дожд). Косите нестабилни под-планински падини станаа места за градби на „престиж“ (додека не почне свлечиштето), а старите дотраени згради, станаа одлична можност за надградба од сите страни, секако според „најстрогите асеизмички стандарди“ – до некој следен малку посилен земјотрес. Локални патишта често се пробиваат токму низ најнестабилниот терен, а шумите често и намерно се палат за некаква си корист или чудна пакост.

Треба многу за да се промени ваквиот однос: воспитување уште од мали нозе, едукативни кампањи, па се до строга, реална и подеднаква казнена политика за сите што несовесно се поигруваат со природата. Мислењето на домашните стручни лица и докажани професионалци (а ги има доста, од највозрасните, до помладите), треба да се почитува и максимално да се искористи. Многу повеќе од оние на некои странски, понекогаш квази-експерти, кои ќе ни „посолат“ малку памет, ќе земат солидни дневници и можеби никогаш повеќе нема да ги видиме.

Природата треба да ја почитуваме, да ја сакаме, да ја залечиме таму каде што е „ранета“, да ја облагородиме. Ако само земаме од неа, без мерка и чисто за свои потреби, таа ќе ни врати. Можеби не на нас лично, туку на нашите блиски, на нашите деца, на нашата иднина.


Се надевам дека од катастрофата на 6 август, сите ќе извлечеме поука. Природни непогоди се почесто ќе ни се повторуваат, но не смее да дозволиме тие да станат природни катастрофи и трагедии. И не смееме да ги толкуваме само како „виша сила“ и „Божја волја“, бидејќи чекор по чекор може навистина многу да направиме, за сите нас, за нашата иднина и за нашата преубава Македонија.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот