X
 05.12.2021 Наша тема

„Шапка, чоколадо, анус и нешто друго“ - театарската екипа ни открива зошто треба да ја погледнеме оваа претстава

Ликовите се доведени до ситуација во која шапката, чоколадото и дури турпијата за нокти го осмислуваат опстанокот на нивниот живот, изгубен во консуматорскиот наметнат начин на функционирање. Ден без смеа е изгубен ден, би додал и Чарли Чаплин, вели режисерката Ана Батева за Факултети.мк. Претставата ќе се одржи вечерва во салата „25 Мај“ во МКЦ, Скопје, а освен низ театрите во Македонија, ќе се игра и на меѓународни фестивали и форуми, за следната година, предвидена е и турнеја во четири града во Бугарија

„Шапка, чоколадо, анус и нешто друго“ е театарска претстава на една група млади луѓе, актерите Надица Петрова, Бобан Алексоски, Димитрина Мицкоска, Григор Јовановски, Миа Кантарџиева и Давид Илиќ, режисерката Ана Батева од „СПАМ Студиос“ од Бугарија и авторот на музиката Стефан Здравевски. На неофицијална, на некој начин и пријателска покана, режисерката ја прифатила средбата со актерите од Театар „Златен елец“, веднаш се препознала хемијата и почнало да се разговара на што ќе работат. „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ е забавна, актуелна и мошне различна претстава. Станува збор за 85 минути смеа до солзи, каде што се прикажани повеќе профили на ликови преку кои се потсетуваме колку малите нешта понекогаш можат да имаат големо значење во животот.

Бевме на една од нивните проби и се запознавме одблизу со целата екипа.

-Претставата користи елементи на кабаре во духот на панк/рок-музиката од гледна точка на бунтот на ликовите кон апсурдот на животот и изгубената смисла. Затоа што ситуациите во претставата како под лупа ни покажуваат ликови исправени на работ на егзистенцијата кои свесно ги исмејуваат животните неправди и системскиот апсурд, и со достоинство се спротивставуваат на болката од соочувањето со светот - вели Батева.



Претставата е работена по текстот на ,,Старицата од Калкута“ на Ханох Левин. Левин е специјалист во тоа да ја провоцира и шокира публиката, така што ни презентира безмилосна дисекција на основните вредности на нацијата и државата. Режисерката вели дека ова дело одамна ѝ било предизвик, а во разговор со актерите, нејзиниот предлог бил едногласно прифатен.

- Тргнувајќи од скечовите и апсурдните ситуации за парадоксот на денешното постоење, во една од сцените пееме: „Животот е еден и единствен, не смее да биде досаден. Сè што денот носи за нас важно е, немој после да си кажеш касно е“- објаснува таа.

Како дојдовте до името „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“?

- Претставата е огледало на малиот човек со сите негови стравови и инстинкти, болки, но и желба за живот во едно. Па така, ликовите се доведени до ситуација во која шапката, чоколадото и дури турпијата за нокти го осмислуваат опстанокот на нивниот живот, изгубен во консуматорскиот наметнат начин на функционирање. Па оттаму и насловот насочен кон малите работи што живот значат.
Сакав да придонесам за малку духовно ослободување од секојдневните медиумски стеги, она што најмногу ме израдува е смеата од публиката и бурните реакции. Ми дава надеж тоа што публиката под нашето поднебје не го изгубила чувството за хумор и возвраќа со смеа дури и во сцените во кои ликовите се соочуваат со стравот од смртта. Докажано е дека така полесно се поднесува секојдневието, со сите негови каприци, проблеми и црни страни. „Ден без смеа е изгубен ден“ би додал и Чарли Чаплин - рече режисерката.



Зошто токму Надица, Бобан, Димитрина, Миа, Григор и Давид?

- Затоа што не си претставувам дека со други актери би можела да се достигне таа синергија што сите ние успеавме да ја изградиме - одговара Батева.

Актерката Надица Петрова игра неколку улоги: чистачката која за да ја издржи тешката судбина, се убедува себеси и другите дека е многу сакана, јога-инструкторка, водителка која ужива во својата популарност за сметка на туѓите животни приказни без да ги разбере и улогата на актерот во ова општество.

- Си ги сакам сите ликови и сум благодарна што го поминав тој процес од кој многу научив. Театарот е потребен како форма за да го одржува или врати духот - човечноста кај народот - рече Петрова.

Актерот Бобан Алексоски ќе го видите како момче, мажот со кошницата, магионичарот, рецепционерот, кондуктерот, братот.

- Апсурдот е најтежок за игра, затоа на почеток ми изгледаше комплицирано како ќе направам 6 различни апсурдни лика, но кога ја почувствував разликата при крајот на процесот, уживав. Иронијата што ја носат моите ликови ги отсликува постојните ликови во нашето општество, сите ќе ги најдете во едно маало. Пораката е дека малку е потребно за нештата да завршат добро - вели Алексоски.



И актерката Димитрина Мицкоска се трансформира во неколку ликови: Батја, старицата од Калкута, жената со шапка, Генја и една жена чиј сопруг се смалил. Ја прашавме дали ѝ „легнаа улогите“.

- Ми легнаа, и тоа како. Апсолутно си ги сакам и си правам паралела со проблемите што секој од нас ги има приватно и колку секој мисли дека неговата планина е најтешка. Си ги повторувам за да ми живеат додека го шетам кучето Генја обично во автомобил со затворени прозорци за да не ме слушаат бидејќи сум прилично гласна, а Батја најмногу во веце - кој гледал, знае зошто - вели Мицкоска.

И актерката Миа Кантарџиева многу лесно ги засакала улогите со кои се претставува во „Шапка, чоколадо анус и уште нешто“.

- Играм една зафатена девојка, една жена која пати по мали нешта кои ги нема и една докторка. Пораката ми е дека ако малку застанеме и ставиме прст на чело, ќе сфатиме дека претставата е нашето секојдневие, а преку нас, публиката ќе може да се препознае, но овој пат да се насмее на апсурдот на животот - вели Кантарџиева.

Актерот Давид Илиќ, исто така, се појавува во неколку улоги.
- Нашите ликови произлегуваат, односно се колаж од ситуациите на секојдневниот човек. Пораката е: секој треба да се почитува себеси!

Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема