X
 16.01.2020 Живот

Ресторан наплаќа за секое глупаво прашање што ќе го поставите

„Не постои такво нешто како глупаво прашање“ - колку пати сте ги слушнале овие зборови? Еднаш, двапати, можеби сто пати.

Поентата е дека сме ја слушнале реченицата многу пати, при што наставниците, едукаторите и обучувачите постојано нè охрабруваат да зборуваме и да прашуваме со надеж дека ќе научиме нешто. И во повеќето случаи тоа функционира - до моментот кога ќе поставите глупаво прашање.

Еден ресторан во Денвер, САД, има различен пристап и им посочува на своите клиенти да не поставуваат глупави прашања затоа што ќе треба да доплатат плус 38 центи на нивната сметка.

„Томс Дајнер“ наплаќа за глупави прашања уште од отворањето на ресторанот во 1999 година, како начин да внесе малку забава во работниот ден. Ресторанот сега стана далеку познат благодарение на неодамнешниот пост на социјалната мрежа „Редит“, каде што беше споделена слика од фискалната сметка на која пишуваше дека се наплаќаат 38 центи за едно глупаво прашање.

Всушност, „глупаво прашање“ го има и на менито, па така клиентите намерно поставуваат најглупави прашања за да видат дали се квалификуваат за наплаќањето. Меѓу најглупавите прашања е: Дали мразот има вода во него?


Како што велат од ресторанот, тие немаат никаква злобна намера, туку наплаќањето е од забавен карактер.

- Станува збор за еден вид шега. Прво цената беше 48 центи, но одлучивме да ја намалиме - вели Хантер Ландри, менаџер на ресторанот.

Тој додава дека персоналот никогаш не зема пари и единствено ги става на сметката ако забележи дека гостите се во добро расположение, за никој од нив да не се навреди.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот