X
 20.04.2020 Економија

Светот станува општество без кеш: Банкнотите наскоро само во музеите?

Парите какви што ги знаеме наскоро може да се преселат во музеите, додека светот се приближува до моментот кога ќе стане општество без готовина.

Експертите велат дека ова е процес што не може да се запре и прашање е кога ќе се случи, односно кога единствен начин за плаќање ќе бидат картичките и мобилните апликации.

Секако, тоа ќе се случи побрзо отколку што многумина мислат - во некои држави во наредните неколку години. Првата држава во светот која би можела да ги исфрли банкнотите од употреба е Шведска, а се предвидува дека тоа може да се случи во 2023 година.

Во светски рамки, граѓаните сè помалку користат банкноти, а случувањата со пандемијата би можеле дополнително да ја забрзаат еволуцијата како што растат продажбите преку интернет, социјалното дистанцирање и дигиталното плаќање.

Шведска прва во светот

Земјата која отиде чекор понапред во ова е Шведска, за која се предвидува дека до 2023 година ќе стане првата земја без готовина. Ова е заклучок на истражување кое уште во 2017 година било спроведено од два професори - еден од Шведска, а друг од Данска, во соработка со советник и истражувач во централната банка во Шведска.

Околу 80 отсто од Швеѓаните сега користат картички, а 58 отсто од сите плаќања се направени со картички, за разлика од само 6 отсто од плаќањата во готовина, покажуваат бројките на шведската централна банка.

Во Шведска и децата плаќаат со картички

Електронските плаќања во Шведска брзо растат. Сè повеќе продавници и ресторани во земјата не прифаќаат плаќања во готовина. Од клиентите се бара да плаќаат со картичка или мобилна апликација. Многу Швеѓани повеќе не носат готовина поради сеприсутноста на електронското плаќање во земјата. Дури и децата (над 6 години) во Шведска плаќаат со картички.

Повеќето од шведските банки престанаа да им овозможуваат на клиентите да подигнат или уплатат готовина преку шалтер. Готовина може да се подигне само од банкомат. Во 2007 година оваа земја имала во оптек околу 100 милијарди готовински валути. По десет години оваа сума се намалила на 45 милијарди.

Специфичен шведски закон

Но, клучната точка е специфичниот шведски закон. Во повеќето земји компаниите сепак мораат да примаат пари. Шведска сега има закон со кој на фирмите, на пример, продавниците, им се овозможува да не примаат банкноти ако не сакаат, со што купувачите се принудуваат да плаќаат електронски. Сè што овие фирми треба да направат е да стават знак пред продавницата дека не примаат готовина.

karticka
Фото: Pixabay

Глобален тренд

Зголемената употреба на електронско плаќање и намалување на употребата на готовина не се случува само во Шведска, туку и во други земји. На пример, дигиталните трансакции во Индија пораснаа за 55 отсто во 2018 година, 48 отсто во Кина и 23 отсто во Индонезија, покажува Банката за меѓународни порамнувања.

Џонас Хедман, еден од авторите на истражувањето и професор на Школата за бизнис во Копенхаген, верува дека Шведска нема да биде единствена земја без готовина, туку тоа е нешто што ги чека сите земји во светот.

- Тоа е неминовно. Не можете да го запрете тој процес - изјави тој во едно интервју.

Државите, банките и корпорациите сакаат да ги отстранат банкнотите


Треба да се каже дека владите, банките и компаниите низ светот вршат притисок за префрлување на дигиталните форми на пари поради многу причини. Ним им одговара затоа што имаат многу помалку трошоци за обработка на парите, како и нивно складирање и чување од потенцијален грабеж.

Но, она што е многу важно, на овој начин тие добиваат целосна контрола врз протокот на пари. По повлекувањето пари во физичка форма ќе биде невозможно да се купи што било на планетата, а за тоа да не биде известена банката, државата или некој кој управува со системот за плаќање.

Добро е што на овој начин ќе им се нанесе голем удар на сивата економија и криминалот, бидејќи избегнувањето на данокот ќе стане невозможно, како и плаќањето за дрога или нелегално оружје. Недостаток е тоа што властите ќе добијат целосна контрола врз граѓаните, а компаниите ќе можат да ги следат навиките на трошење на граѓаните и ќе ги користат овие информации за комерцијални цели.

karticka 2
Фото: Pixabay

Ќе се зголеми потрошувачката

Освен тоа, познато е дека граѓаните трошат повеќе кога плаќаат со картичка или мобилна апликација отколку кога плаќаат со готовина. Исто така, постои категорија која може да биде сериозно погодена со исчезнувањето на готовината, а тоа се бездомниците, на кои ќе им биде тешко да добијат уреди за одредени донации.

Освен тоа, се поставува прашањето што ако државата, среде некоја голема криза, го ограничи подигнувањето на пари, како што се случило во Кипар и Грција пред неколку години.

На крај, општествата што се помалку напредни од Шведска веројатно ќе чекаат некое време пред укинувањето на парите во физичка форма. Но, сепак тоа ќе мора да се случи, веројатно порано отколку што мислат некои луѓе.

Извор: B92
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија