Четворица муслимански ученици побарале да се воведат строги исламски правила во нивното средно училиште „Нордштат“ во Нојс, град во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Како што пренесе ДВ, 17-годишник, двајца 18-годишници и еден 19-годишен ученик барале часовите да бидат строго поделени по пол, мажи да им држат часови по пливање на момчиња, а жени на девојчињата и дека девојките мора да носат шамии.
Тие бараа дури и групите за разговор што постојат за комуникација во класот да бидат поделени по пол, а на муслиманите да им се обезбеди просторија во училиштето каде што ќе можат да се молат и да им биде дозволено да го напуштат училиштето порано во петок за да можат да одат до џамија.
Медиумите јавуваат дека четворицата на час експлицитно изјавиле дека ја отфрлаат демократијата. Тие јавно поддржале каменување и другите кршења на човековите права. Исто така, пишуваат медиумите, вршеле притисок и врз други муслимани кои според нив, биле „лоши муслимани“.
Сето тоа е содржано во полицискиот извештај во кој имале увид од германскиот јавен сервис WDR. Управата на училиштето за случајот ја известила полицијата минатиот декември, а за тоа биле информирани и Државната безбедност, јавното обвинителство во Диселдорф, како и Покраинската канцеларија на криминалистичката полиција (ЛКА).
Наводно, лани имало повеќе инциденти, во март и декември. За тројца од четворицата ученици се вели дека веќе се пријавени за слични проблеми. Јавното обвинителство сѐ уште истражува што се случило во декември, се сомневаат дека се работи за закани и принуда.
Како што се наведува во полицискиот извештај, биле проверени и родителите на четворицата обвинети ученици.
Извор: МИА