Само 6 основци биле позитивни, а 1.317 ученици биле негативни на тестот за ковид-19, од тестирани 1.323 ученици во средните и во основните училишта на подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид. Од нив 725 се основци од 1. до 9. одделение, а 598 се средношколци, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Министерството информира за текот на скринингот на учениците од основните и средните училишта во Македонија кој го вршат центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територијата на цела држава. За поголем дел од центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати тие мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството ќе ја објави целосната анализа, со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот ковид-19 меѓу учениците во училиштата.
Министерството за здравство информира дека во моментов во земјава има 885 деца на возраст од 0 до 17 години болни, а 15 се позитивни на ковид-19.
На Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9 до 16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите други се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.
Според податоците од националниот систем „Мој Термин“, досега во земјава 5.800 деца на возраст од 12 до 17 години примиле една доза вакцина за ковид-19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.