X
 16.03.2020 Живот

Како се финансираат европските монархии?

Многу европски монархии значајно се намалија во последните децении, што значи дека од кралските семејства се очекува да најдат работа и сами да се издржуваат.

Од десет главни кралски семејства во Европа, девет сè уште добиваат пари за извршување на својата должност, со исклучок на Кнежеството Лихтенштајн, кое не добива пари од даночните обврзници за да ги плати своите трошоци.

Колку пари ќе добие секое кралско семејство, зависи од локалните закони и традиции.

Некои земји им даваат голема сума на пари на кралските семејства.

Додека, пак, други кралски семејства се финансираат од различни извори, што ја отежнува директната споредба.

Кој ќе биде член на кралското семејство со „полно работно време“, што значи дека сè што ќе прави ќе биде претставување на круната, исто така варира од земја до земја.

Во некои земји доволно е да се биде роднина на некој монарх за да биде квалификуван како член на кралското семејство со „полно работно време“.

Во други земји, пак, се очекува братот и сестрата на кралот или кралицата да најдат работа.

Британското кралско семејство е најголемо и најбогато семејство во Европа.

Според официјалната веб-страница на британската монархија, 16 возрасни лица и три деца во моментов се сметаат за членови на кралското семејство.

Активностите на кралицата Елизабета Втора и нејзиното семејство во најголем дел се финансираат преку државниот грант, кој изнесуваше околу 100 милиони евра во 2018-2019 година.

Кнежеското семејство на Монако има четири полнолетни члена што работат „полно работно време“ како членови на семејството, принцот Алберт Втори и неговата сопруга, принцезата Шарлин и неговите сестри, принцезите Каролина и Стефани.

Алберт Втори и Шарлин имаат две деца, Габриела и Жак. Кнежеското семејство доби околу 50 милиони евра, од кои околу 13 милиони евра ги добива принцот, а со останатиот дел од парите ги подмируваат трошоците на администрацијата и ја одржуваат палатата.

Холандското кралско семејство брои седум возрасни члена и три деца, кои се сметаат за дел од кралското семејство со „полно работно време“.

Тоа се кралот Вилем Александер и неговата сопруга Максима, нивните три ќерки, мајката на кралот, братот и неговата сопруга, тетката на кралот и нејзиниот сопруг.

Монархијата доби околу 44 милион евра за 2020 година, од кои околу 6 милиони евра се наменети за кралот.

Седум члена на норвешкото кралско семејство, вклучувајќи и две деца, се сметаат за членови на кралското семејство со „полно работно време“.

Тоа се кралот Харалд Петти и неговата сопруга, кралицата Соња, синот Хакон и неговото семејство и, сестрата на кралот, принцезата Астрид.

Кралското семејство доби околу 44 милиони евра во 2020 година, од кои 1,2 милион евра се наменети за кралот и кралицата, а околу еден милион евра за престолонаследникот и принцезата.

Принцезата Марта Луиз, сестра на принцот Хакон, извршува некои кралски должности, но исто така работи и на сопствени проекти, надвор од кралското семејство.

Има напишано неколку книги и има јутјуб-канал за коњи и е терапевт на алтернативна медицина.

По критиките што ги доби минатата година, принцезата Марта Луиз најави дека ќе престане да ја користи кралската титула во приватниот живот.

Белгиското кралско семејство во 2018 година доби 13 милиони евра, се наведува на официјалната веб-страница.

Најголем дел од парите, односно 11 милиони евра, беа наменети за покривање на трошоците на службените должности на кралот Филип.

Данското кралско семејство, на чело со кралицата Маргрет Втора, во 2018 година доби средства во износ од околу 11 милиони евра, се наведува во годишниот извештај.

Паушалниот износ ги покрива сите трошоци, вклучувајќи го и одржувањето на кралската резиденција.

Сaмо четири члена на кралското семејство од Луксембург работат „полно работно време“ како членови на семејството и добиваат пари за тоа.

Тоа се големиот војвода Хенри и неговата сопруга, големата војвотка Марија Терезија, нивниот син, принцот Гиљаум, големиот наследник на Луксембург и неговата сопруга, грофицата Стефани де Ланои, големата наследничка на Луксембург.

Според буџетските документи што ги објави владата на Луксембург, кралската куќа во 2019 година добила 10,5 милиони евра за да ги покрие административните трошоци.

Големиот војвода, исто така, доби лични примања во износ од околу 270.000 евра, се наведува на официјалната веб-страница.



Како дел од кралското семејство на Шведска се сметаат седум возрасни лица и две деца.

Меѓу нив се кралот Карл Шеснаесетти Густав и неговата сопруга, кралицата Силвија, престолонаследничката Викторија и нејзиниот сопруг, принцот Даниел и нивните две деца.

Монархијата доби околу 7 милиони евра во 2019 година за сите неопходни трошоци.

Шпанското кралско семејство е релативно мало, го сочинуваат кралот Фелипе, кралицата Летиција и нивните две ќерки и родителите на кралот.

Според податоците на официјалната веб-страница на монархијата, кралското семејство добива околу осум милиони евра од буџетот на Шпанија.

Кнежеството од Лихтенштајн е единствената монархија во Европа што не добива пари од даночни обврзници.

Кралското семејство е едно од најбогатите семејства во Европа, со голем имот и банка во приватна сопственост.



Иако кралското семејство е големо, само четири члена се дел од кралското семејство што работат „полно работно време“, монархот, принц Ханс Адам Втори, неговата сопруга, принцезата Мари Агле, нивниот син, принц Алоаз и неговата сопруга, принцезата Софи.

За разлика од другите европски монархии, принцот има активна улога во политиката. Тој има право да предлага закони, може да даде помилување и да именува судии.

Со моќта доаѓа и одговорноста, според уставот, може да се гласа за неговата доверба, што бара најмалку 1.500 избирачи.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот