Вадуц, главниот град на Лихтенштајн, на прв поглед изгледа како место излезено од бајките. Со население од 5.774 жители, градот е толку мал што може да се обиколи за неколку часа.
Кога ќе зачекорите во Вадуц, имате чувство дека сте на филмски сет. Сè изгледа совршено уредено, како во некој филм, па очекувате во секој момент некој да излезе и да викне: „Сечи! Океј, уште еднаш!“ Градот изгледа нереално - чист, тивок и речиси целосно празен, како сите жители да заминале на викенд во Швајцарија.
Еден од најинтересните факти за Лихтенштајн е тоа што оваа мала земја нема сопствена војска. Последен пат имала војска во далечната 1868 година, но била укината бидејќи била прескапа. Уште поиронично е тоа што за време на Австро-пруската војна во 1866 година нивната војска од 80 војници тргнала во борба и се вратила со 81 војник. Легендата вели дека на враќање запознале италијански пријател кој им се придружил.
Каде се сите?
Вадуц е главен град на една од најмалите држави во светот. Лихтенштајн бил основан во 1719 година, кога римско-германскиот цар Карло VI ги прогласил Вадуц и Шеленберг за кнежества. Во тоа време не бил важен бројот на жители, туку името и моќта на семејството Лихтенштајн. Благодарение на стратегиската положба меѓу Швајцарија и Австрија, државата со текот на времето станала финансиски центар и позната даночна оаза. Но, и покрај сето тоа, останува прашањето каде се жителите на Вадуц во сабота попладне?
Дворецот Вадуц – дом на кнезот
На ридот над градот се наоѓа дворецот Вадуц. Оваа неверојатна градба од 12 век доживеала многу трансформации. Денес не е само историски симбол, туку вистински дом на кнезот Ханс-Адам II и неговото семејство. Од секој агол на центарот може да се види оваа монументална градба, но за јавноста е затворена.
Кнез Ханс-Адам II., кој управува со кнежеството од 1989 година, е далеку од типичниот монарх од бајките. Тој истовремено е модерен менаџер и чувар на традицијата. Познат е по тоа што ја претвори државата во глобален играч во финансискиот сектор, но истовремено го зачува историскиот идентитет. Неговата сопруга Марија остави значително наследство преку својата работа во хуманитарни и културни проекти.
Вадуц денес - помеѓу тишината и луксузот
Шетајќи по главната улица „Вадуцер штадле“, не можете, а да не ја забележите елеганцијата, но истовремено и едноставноста. Луксузни бутици со швајцарски часовници, музеи и продавници за сувенири се внимателно распоредени. Музејот на уметностите на Лихтенштајн нуди богата колекција од современата уметност, додека Музејот на поштата ги раскажува приказните на познатите поштенски марки. Културната прошетка завршува кај катедралата „Свети Флоријан“ - духовен симбол на градот со импресивна неоготска архитектура.
Но, цените не се за секого: магнети чинат од 7 до 12 евра, а варено вино 9-10 евра. Работното време е приспособено на мештаните, а не туристите, па продавниците се затвораат во 17 часот, со подолга пауза напладне.
Корисни совети за патниците
Иако е мал, Лихтенштајн е доволно голем да се изгубите во него. Интернетот често не функционира, па се препорачува однапред да симнете карта во „Гугл мапс“. Исто така, треба да се знае дека градот е преполн со сообраќајни камери, па можете да добиете казна и за возење три километри на час над дозволеното.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Unsplash