По смртта на Елизабета Втора, Британците ја оплакуваат својата кралица, која најдолго владееше со монархијата од сите досегашни кралеви. Деновиве се појавија и фотографии и потсетници во врска со односот на Елизабета Втора и поранешна Југославија. Во колумна, правникот Дејан Лучка прави интересна паралела меѓу поранешна Југославија и Велика Британија по смртта на кралицата.
- Имено, може да се тврди дека денешното Обединето Кралство и Британците се наоѓаат во донекаде слична ситуација како Југославија и Југословените по смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година. По смртта на кралицата, како и по смртта на Тито, се поставуваат важни политички, правни и територијални прашања. Во случајот на Југославија, тоа биле прашања за можната независност на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија, на кои било одговорено со конфликти, нивна самостојност и распад на Југославија. Во случајот на Обединетото Кралство, тоа се прашања за можна независност на Шкотска и Велс и обединување на Ирска, на кои допрва треба да се одговори, а во чии рамки е и прашањето за одржливоста на кралството - пишува Лучка.
Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска се состои од четири земји: Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. Со Обединетото Кралство е поврзан и Комонвелтот од нации во кој се над 50 држави, а кои најчесто се поранешни колонии на Британската Империја. Британскиот монарх воедно е и поглавар на одредени држави во Комонвелтот, како Канада, Австралија, Нов Зеланд итн. Движењата за осамостојување на овие народи може да станат посилни по смртта на кралицата.
Југословенски превирања во осумдесеттите
Југославија била во криза пред смртта на Тито, но работите почнале да излегуваат од контрола по неговата смрт. Најголемите проблеми биле обележани од стремежите на националистите за создавање независни држави, а ваквиот дух особено бил присутен во Хрватска, Косово и Метохија и Словенија.
Јосип Броз Тито бил една од главните обединувачки фигури во Југославија. Веднаш по неговата смрт почнале разни проблеми и политички кризи, а во осумдесеттите години тој бил наследен од не толку популарни политичари со нови влади, што довело и до распаѓање на Комунистичката партија, а понатаму и распаѓање на Југославија.
Фото: Pixabay
Во случајот со Обединетото Кралство, почина кралицата која имаше голема обединувачка моќ, а ја наследува ни блиску популарниот и способен син Чарлс, додека истовремено има и нова влада, пишува Лучка.
Како што продолжува тој, Елизабета ја трансформирала државата и успеала да ги зачува кралското семејство и монархијата во Велика Британија. Со своето однесување и односот кон граѓаните, таа станала една од највлијателните жени на сите времиња за време на своето владеење. Таа уживала во угледот дома, но и во странство. Останува отворено прашањето како нејзиниот син ќе успее и дали ќе успее да оди во нејзини чевли. Освен тоа, треба да се види како на него ќе гледаат Шкотите, Ирците и Велшаните.
- Навистина, во Југославија, Тито имал големи овластувања, додека британскиот монарх практично е протоколарна фигура, со симболична и церемонијална улога, меѓутоа, и во таа протоколарност тој навистина, барем на посреден начин, влијае на насоката на земјата и нејзините стремежи, а особено на односот на народот во државата кон круната и самата држава. Чарлс, барем од моменталната гледна точка, нема владарски капацитет како Елизабета, па јасно е дека пред него се наоѓаат многу проблеми и неизвесност - пишува Лучка.
Згора на тоа, економските проблеми може да влијаат врз целото општество, а може да влијаат и врз желбите на Шкотите, Велшаните и граѓаните во Северна Ирска за издвојување од кралството.
Како понатаму?
- По смртта на Јосип Броз се поставуваше прашањето: како понатаму? По смртта на Елизабета Втора се поставува истото прашање. Југословените прво одговараа дека и по Тито ќе има Тито, а потоа својот одговор го сменија, па одговорија со конфликти, војна, разорување и разединување на својата држава. Југославија исчезна во пламенот на желбата за моќ на оние што не можеле или не сакале повеќе да живеат заедно во неа. Времето ќе покаже како Велика Британија ќе се носи со новите предизвици и дали Обединетото Кралство ќе преживее во наредните деценија или две, барем во сегашните граници. На Чарлс Трети му останува нова одговорност, не толку во политичка смисла (таа е на владата), туку во смисла на можноста за зачувување на угледот на кралското семејство, недопрената монархија, Комонвелтот и единството на земјата - пишува Лучка.
Извор:
Dejan Lucka