X
 16.03.2022 Наука

Научници создадоа вештачки коронавирус, кој подоцна се обидел да се скрие

Ако сакаме да разбереме како работи некоја машина, би било добро да го направиме тоа детално. Да ја расклопиме, да видиме како функционира, па да ја составиме одново.

Кога машината во случајот е смртоносен вирус, не смее ништо да се остави на случајот. За ваков пристап се одлучија научниците со цел подобро да разберат што го поттикнува вирусот што предизвикува ковид-19, па создадоа минималистичка верзија на овој опасен микроорганизам. Тие открија дека шилестиот протеин функционира како еден вид прекинувач што му овозможува на вирусот полесно да се сокрие од нашиот имунолошки систем.

Експерти од Германија и од Обединетото Кралство смислиле минималистички верзии на вирусот САРС-КоВ-2 за со сигурност да анализираат во лабораториски услови што точно ја предизвикува неговата заразност.

Таканаречените „синтетски минимални вириони“ се честички кои се состојат од модули создадени во лабораториски услови за да им дадат на научниците подобар увид во клучните карактеристики на вирусот.

- Најважно е што ги направивме овие синтетски вириони од нула, односно да можеме прецизно да ги дизајнираме нивниот состав и структура. Ова ни овозможува систематски, чекор по чекор, да ги анализираме различните механизми на вирусот - вели биологот Оскар Стауфер од Универзитетот „Оксфорд“.

Научниците потоа почнале да ги набљудуваат шилестите протеини со кои коронавирусот навлегува во клетките. Имено, овие протеини имаат свои добри и лоши страни. Тие функционираат како клуч кој може да ја отвори бравата, односно да се врзе за АЦЕ2-рецепторот и на тој начин да влезе во клетката. Но, од друга страна, тие се добра мета за антитела кои можат да ги препознаат и да почнат да го чистат нашето тело од вируси.

Вакцините против ковид-19 функционираат токму на овој принцип - тие му нудат на неинфицираниот имунолошки систем информации за протеинот за да го подготват за вистинската инфекција.

За време на анализата на шилестиот протеин, научниците откриле дека развил способност да избегнува антитела со текот на времето - односно дека научил да се крие. Тие го набљудувале начинот на кој специфичните имунолошки молекули на масни киселини комуницираат со шилестиот протеин.

Научниците забележале дека шилестиот протеин претрпел структурна промена кога го фатила имунолошката молекула. Ова му го отежнало пробивањето во клетката, но и полесно им се криел на антителата.

- Ова може да биде механизмот кој избегнува силен имунолошки одговор во текот на долг временски период и ја зголемува севкупната ефикасност на инфекцијата - рече Стауфер.

Истражувањето беше објавено во „Нејчр комјуникејшнс“.

Извор: Science Alert
Фото: Medical Research/Oskar Staufer
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука