Американските истражувачи сметаат дека се на прагот да откријат решение за голем проблем.
Просекот на движење на минималната плата и бројот на самоубиства покажува дека сојузните држави што ја зголемуваат минималната плата регистрираат намалување на бројот на самоубиства.
Зголемувањето на минималната плата и намалувањето на данокот за чувствителните категории за 10 отсто може да спречи и до 1.230 самоубиства годишно, е заклучокот на истражувачкиот труд објавен во име на Националното биро за економски истражувања.
Намалувањето на данокот, односно субвенционирањето на дел од данокот за сиромашните семејства со децата, покрај зголемувањето на минималната плата, значајно влијае врз животните перспективи на најзагрозените Американци.
Како што се наведува, овие два фактора им помагаат на помалку образованите и помалку платените работници што спаѓаат во ризична група на луѓе кога станува збор за одземање на сопствениот живот поради сиромаштијата.
Анализата на зголемувањето на минималната плата го опфатила периодот од 1999 до 2015 година, а ја направиле економистите Ана Годоеј и Мајкл Реих од Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија и експертите за јавно здравство Вилијам Доу и Кристофер Ловенстајн.
„Смртта од очај“ е терминот што го создале економистите Ана Кејс и Агнус Детон од Универзитетот „Принстон“, а се однесува на смртните случаи, често самоубиства на средовечни мажи.
За да се евалуира односот на промената на минималецот и бројот на самоубиства, експертите од „Беркли“ идентификувале сојузни држави кои го зголемиле минималецот од 1995 до 2015 година, како и државите што не го направиле тоа.
Се покажало дека бројот на смртни случаи поради предозирање со лекови не варира во однос на покачувањето на минимумот. Од друга страна, бројот на смртни случаи поврзани со дрога драстично се променил по спроведувањето на одлуката за зголемување на минималната плата.
Зголемувањето на субвенциите за данок од 10 отсто го намалил бројот на самоубиства (неповрзани со зависноста и дрогата) за 5,5 отсто. Зголемувањето на минималецот за 10 отсто го намалило бројот на самоубиства (неповрзани со зависност и дрога) за 3,6 отсто.
- Кога се имплементираат споменатите политики, бројот на самоубиства брзо опаѓа - заклучуваат истражувачите.
Исто така, зголемувањето на минималецот веднаш влијае врз падот на бројот на самоубиства, додека даночните субвенции даваат резултат со задоцнување дури наредната година, со оглед на тоа што на даночната политика ѝ е потребно повеќе време за дејствување на теренот.
Најголем ефект има врз младите мажи, со оглед на тоа што тие најчесто
работат слабо платени работни места.