Хит-серијата на Ејч-би-о, „Последниот од нас“ (The Last of Us), со својата последна епизода достигна гледаност од 8,2 милиони луѓе. Бројката е уште повпечатлива и позначајна ако се земе предвид дека е постигната токму при ТВ-емитувањето на доделувањето на „Оскарите“.
Претходно рекордната, прва епизода при своето прво прикажување ја погледнале 4,7 милиони луѓе. Серијата, инаку, достигна 30,4 милиони гледачи по епизода во оваа прва сезона, надминувајќи ги дури и бројките на „Куќата на змејот“.
Просечната оцена на ИМДБ е 9/10, од вкупно 304.000 гледачи што ја оцениле серијата.
За потсетување, хоророт „Последниот од нас“ е адаптација на истоимената постапокалиптична видеоигра на „плејстејшн“ од 2013 година. Приказната се случува 20 години по уништувањето на денешната цивилизација и го следи одметникот Џоел (Педро Паскал), кој мора да ја прошверцува тинејџерката Ели (Бела Ремзи) надвор од зоната на карантин.
Извор: МИА