Секоја година во САД до 75.000 бремени жени се подложуваат на операција со анестезија. Како тоа влијае врз фетусот, не е јасно, но новите истражувања утврдуваат загрижувачка можност.
Во студија направена на бремени глувци, истражувачите утврдиле дека анестезијата ја попречува миграцијата на неврони во мозокот на фетусот, спречувајќи ги да пристигнат на нивните дестинации во церебралниот кортекс.
- Церебралниот кортекс, или сивата маса, е компјутерскиот процесор на мозокот. Когнитивните процеси како мислењето, меморијата и јазикот се упатени таму, така што невроните што никогаш не стигнуваат до нивните соодветни и претходно одредени позиции во кортексот може да имаат длабоко влијание врз функцијата на мозокот - вели невронаучникот Вицко Глунчиќ.
Претходните студии покажале силна врска меѓу пренаталното или изложувањето на анестетици на рана возраст и пречките во учењето кај луѓето и абнормалностите во однесувањето кај животните, па Глунчиќ и неговите колеги сакале да истражат зошто.
Тие инјектирале боја во невроните на фетусите кај 22 бремени глувци, а потоа ги анестезирале во 16. или 17. ден од бременоста.
Ова е доцна фаза од бременоста за глувците. Исто така, во тој период невронската миграција (кога невроните се движат од нивната оригинална позиција длабоко во мозокот во надворешниот регион, или церебрален кортекс) е најактивна.
Контролна група од глувци не била анестезирана, па истражувачите можеле да ги набљудуваат разликите во невронската миграција.
Во фетусите на анестезираните глувци значителен број неврони останале распрскани во подлабоките нивоа од кортексот, наместо да стасаат до крајната позиција.
Колку подолго биле под анестезија глувците, толку понагласено било распрскувањето. Кај контролната група не било забележано ова распрскување.
Откако се родиле малите глувчиња, истражувачите спровеле студии за однесувањето. Тие утврдиле дека малите глувчиња чии мајки биле под анестезија имале значителен когнитивен дефицит, во споредба со контролните глувчиња.
- Има јасна поврзаност меѓу типот на анестезија и времетраењето на анестетикот со невронската миграција и когнитивните дефицити на нивото на лекови што се користат тука (во фетусите на глувците) - истакнува биостатистичарот Марио Морик.
Тој додава дека сега треба дополнително да се валидираат вклучените механизми, како и да се тестираат различни анестетици и протоколи на анестезирање за да се оцени диференцијалното влијание на когнитивните функции.
Сепак, иако кај глувците може да се види јасна поврзаност, тоа не значи дека ефектот е ист и кај луѓето. Како и да е, истражувањето создава преседан кој покажува дека има потреба за понатамошно истражување на ефектите на анестезијата врз човечкиот фетус во развој и посочува дека можеби треба да се внимава кога се избира најдоброто време кога бремена жена треба да оди на
операција.