Одамна е познато дека дивите свињи во Југоисточна Германија имаат високи нивоа на радиоактивен цезиум, што често се припишува на катастрофата во Чернобил во 1986 година. Но, додека нивото на радиоактивност се намали кај другите животни, поради некоја мистериозна причина, тоа опстојува кај свињите, феномен познат како „парадокс на диви свињи“.
Според најновите истражувања, покрај Чернобил, за оваа појава се виновни и тестовите со нуклеарно оружје извршени во средината на 20 век, односно се чини дека поради катастрофата во Чернобил и нуклеарните тестови, свињите сѐ уште се загадени со радиоактивен материјал.
Два вида нуклеарно загадување
Радиоактивното загадување кое успева да навлезе во животната средина по нуклеарна несреќа претставува значајна закана за екосистемите. По катастрофата во Чернобил, која се случи пред 37 години, забележано е зголемување на радиоактивната контаминација со цезиум, особено цезиум-137, чиј период на полураспаѓање е околу 30 години.
Но, времето на полураспаѓање на многу постабилниот изотоп (цезиум-135), кој може да се произведе со нуклеарна фисија, трае повеќе од два милиони години. Според претходните истражувања, односот на цезиум-135 и цезиум-137 може да укаже на изворот на самиот цезиум. Високиот сооднос укажува на експлозии на нуклеарно оружје, а нискиот сооднос укажува на нуклеарни реактори.
Затоа, радиоекологот Феликс Штагер од Универзитетот „Лајбниц“ во Германија и неговите колеги ги анализирале нивоата на цезиум во 48 примероци од месо од дива свиња собрани од ловци од 11 региони на Баварија од 2019 до 2021 година. Нивото на радиоактивен цезиум во 88 отсто од тестираните примероци на месо било повисоко од германскиот законски праг.
Дивите свињи и денес се „радиоактивни“
Користејќи го соодносот цезиум-135 и цезиум-137, експертите утврдиле дека тестирањето на нуклеарно оружје е одговорно за 12 до 68 отсто од контаминацијата во примероците. Односно, и покрај тоа што Чернобил е главен извор на цезиум кај дивите свињи, околу една четвртина од примероците имале доволно значаен придонес на цезиум од тестирањето на нуклеарното оружје.
Бидејќи дивите свињи бараат храна на специфичен начин, како што е потрагата по тартуфи, тие апсорбирале различни нивоа на контаминација од двата извори, придонесувајќи за нивната континуирана „радиоактивност“.
- Ова истражување покажува дека стратешките одлуки за спроведување атмосферски нуклеарни тестови пред 60-80 години продолжуваат да влијаат врз оддалечените природни средини, дивиот свет и човечките извори на храна - заклучуваат научниците.
Извор:
National Geographic
Фото: Freepik