X
 16.04.2019 Култура

Ване Костуранов: „Девојче и мече“ е емотивна посвета на растењето на мојата ќерка Ава

„Девојче и мече“ е втора книга на илустраторот и уметник во издание на „Арс ламина“, а промоцијата ќе се случи вечерва во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“


Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, решил да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство. Двата нови света што се создале со раѓањето на неговите две деца, познатиот македонски илустратор, уметник и автор Ване Костуранов ги преточи во безвременските сликовници: „Ѕвездено дете“ (објавена минатата година) и најновата, „Девојче и мече“ ‒ двете во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Илустрираната книга за деца „Девојче и мече“, која е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето, ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Во неа едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, сѐ додека еден ден…



Имавте ѕвезден почеток со својата прва книга „Ѕвездено дете“, објавена минатата година од издавачот „Арс Ламина – публикации“. Сликовницата ги освои сите љубители на пишаниот збор, доби награди, а најважно од сѐ, стана омилено четиво за пред спиење на најмладите читатели. Велат дека е тешко да се објави првата книга, но уште потешко втората. Беше ли сложено да се нацрта и да се напише втората книга, по само една година од објавувањето на првата?

- Лесно е човек да се мотивира, особено сега, живеејќи во време кога во Европа и во САД има толку извонредна и возбудлива нова литература за деца, а истовремено кај нас има исто толкаво отсуство од неа. По првата книга и покрај одличниот прием од публиката, мислев дека уште долго време нема да се осмелам да го изодам истиот пат. Но, тоа е една од најубавите човечки маани, што имаме кратка меморија за маката и страдањето и секогаш мислиме дека овој пат ќе биде полесно. Впрочем, со оваа втора книга си го исполнив ветувањето што си го дадов кога првпат станав родител, дека ќе напишам по една книга за моите деца.

Првите коментари, од тие што имаа можност да ја погледнат книгата „Девојче и мече“, се дека таа е позрела, поконцизна и чекор напред во Вашиот авторски израз. Која е разликата во пристапот и раскажувањето овој пат? Што научивте, што осознавте подготвувајќи ја втората книга?

- Се потсетив колку е ужасно тешко да се пишува. Можеби најголемиот предизвик беше да се раскаже една длабока приказна, на едноставен начин, користејќи многу малку зборови. Сликовниците можеби изгледаат како најлесниот жанр од сите, меѓутоа, тие ги имаат најголемите социјални и естетски предизвици од целата детска литература. Истовремено, тоа е медиум преку кој децата добиваат важни информации, кои им помагаат да го разберат светот, им ја поттикнуваат фантазијата и им нудат утеха во тешки моменти. Визуелно, пак, сликовниците се првиот контакт на детето со уметноста. Илустрациите визуелно го збогатуваат читателот со тоа што му даваат знаења без граници. Сликите се за сите, тие кажуваат приказни за кои не е потребен превод.

Книгата завршува со посвета на Вашата ќерка Ава и на нејзиното мече. Колку приказната и ситуациите се вистинити, а колку фикција?

- Со оваа приказна всушност расте нашата ќерка, повеќето илустрации се наше секојдневие со години, откако го доби мечето на подарок. И најлогично беше да ја раскажам таа приказна. Почнав со тоа што си направив груба скица од приказната, а текстот се развиваше паралелно со цртањето. Се разбира, и моите деца беа вклучени во процесот, особено Ава, таа беше првиот филтер. Мислам дека е многу среќна од резултатот.



„Девојче и мече“ е симпатична, топла, сонувачка приказна за другарството и растењето. Која е пораката што сакате да ја пренесете со книгата?

- Сакав само да раскажам една интимна приказна, во која верувам дека ќе се препознаваат не само децата, туку и нивните родители кога ќе им ја читаат.

Повеќепати имате кажано дека преку уметноста го негувате вечното дете во себе, a растењето е една од темите во книгата. Колку мечето е симбол за детето во нас, и секојдневното прегрнување е начин да останеме вечно дете?



- Ете, одлично сте го „прочитале“ крајот на книгата.

Сликите (цртежите) заменуваат 1.000 збора или цела приказна. Секоја илустрација, иако е проследена со текст, може да ја поттикне имагинацијата на читателот (родителот, бабата, дедото, детето...) и да раскаже цела нова сторија, инспирирана од дадениот цртеж. Илустрациите се истовремено едноставни, но и комплексни. Што е полесно, да се раскаже замислата со зборови или со цртеж?

- За мене лично, уште од раното детство, па и сега како возрасен, многу ми е полесно изразувањето со слики. Меѓутоа, во детската литература, квалитетот на текстот и илустрациите мора да одат рака под рака. Илустрациите можат да бидат прекрасни, но ако текстот не нуди игривост и интеракција со цртежот, тогаш книгата како целина нема да биде успешна. И обратно, доколку текстот е првокласен, а илустрациите се слаби, тогаш општиот впечаток за книгата ќе биде просечен. Кога цртежот функционира и како текст, а текстот како цртеж, тогаш се случува магија. Една успешна книга за деца нуди интеракција на читателот и со зборовите и со сликите.



Додека некои родители им читаат приказни на своите деца, Вие им цртате. Вашиот син Максим и ќерката Ава можат да се пофалат дека имаат книги посветени на нив. Колку, всушност, овие дела се интимна посвета на еден татко кон своите деца, начин на пренесување на својата љубов, грижа, едукација?

- Освен што им цртам, ние дома имаме и едно правило ‒ секоја вечер пред спиење читаме книги. Ретко кога се случува да заспиеме без да прочитаме нешто. На тој начин се простуваме со денот, а од тие читања често се развиваат длабоки дискусии, се поставуваат прашања за многу важни теми, се прават паралели со тоа што нам ни се случува во животот или, пак, се инспирација за смеење. Среќен сум што како родител на моите деца можам да им посветам многу од моето време, внимание и љубов, многу слики, и еве, овие две книги.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура