X
 02.05.2018 Култура

„Арс Ламина“ со многу нови наслови и до 70 отсто попуст на Саемот на книгата 2018

На 30. јубилејно издание на Саемот на книгата, што ќе се одржи во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“ од 3 до 9 мај, книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се претстават со речиси 400 нови наслови, специјални гости, попусти до 70%, како и многу изненадувања. На штандот ќе можат да се најдат повеќе од 1.000 книги од белетристиката, книжевноста за деца, како и стручната литература.

Посебно место е издвоено за литературата за деца, која, благодарение на „Либи“ како публикација на „Арс Ламина“, е во постојан подем последните неколку години. Од детските изданија, оваа и кон крајот на 2017 година се родија многу нови наслови, од кои ги издвојуваме: „Аги и Ема“ на Игор Коларов, „Сакам дома“ на Јасминка Петровиќ, серијалот „Исидора Мун“, „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ од Оливера Ќорвезироска, „Мистериозното јајце“ од Оливер Коларевски, „Мали огласи“ од Дејан Алексиќ, најновата сликовница „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов и многу други.

Специјален гостин на „Арс Ламина“ во текот на саемските денови ќе биде најпродаваниот автор за деца во Србија – Урош Петровиќ. Покрај промоцијата на серијалот „Загадочни приказни“ на македонски јазик, закажана за 7 мај во 18.30 часот, тој ќе одржи и неколку едукативни работилници со деца.



На 4 мај (петок) во 18 часот на штандот на „Литература.мк“ ќе се одржи промоција на новата книга на Владимир Плавевски „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“. Во оваа збирка, како што кажува насловот, се зборува за носталгичните и емотивни сеќавања за одамна минато време и за невиното детство изгубено во маалскиот амбиент.

Еден час подоцна, шефот Давор Панчевски, познат по проектот „Dave’s Kitchen“, ќе потпишува примероци од својот добропознат готвач „Гответе насмеани“.

Во сабота, на 5 мај, во 13 часот ќе се одржи промоција на прирачникот „Како се оди во Париз“, од домашната авторка Јана Мишо позната по нејзините два романи „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“. Со секој купен роман од Мишо читателите ќе добијат шанса да освојат два авиобилета за Париз.

Во 17 часот следува средба и дружење со Ване Костуранов, сликар, илустратор и автор на неодамна промовираната сликовница „Ѕвездено дете“.

Македонското издание на светскиот книжевен хит „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“, чијашто официјална промоција ќе биде на 6 мај во МКЦ во рамките на фестивалот „Прво па женско“, премиерно ќе се најде и на саемската постановка на „Литература.мк“.

Писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров в понеделник (7 мај) во 17 часот ќе го промовираат својот нов серијал за деца „ТКЦП“, вклучително и романот „Канџа во мракот“.
На последниот ден од Саемот на книгата ќе биде промовирана новата збирка поезија „Реми“ (хаику) од Гето Руди и Теа К. со почеток во 18 часот.

Програмата со активности на годинашниот саем ќе биде збогатена и со креативни работилници за деца на тема „Кралот Светкошорц“, „Исидора Мун“, како и неколку работилници во организација на едукативниот центар „Арс Ламина“ и со гостинот Урош Петровиќ и неговите „Загадочни приказни“.

Покрај промоциите и работилниците, на 4 мај (петок) на штандот на „Литература.мк“ во 11 часот ќе се одржи и средба со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија по повод издавањето на првиот „Мал водич низ македонскиот знаковен јазик“.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура