Идејата дека помалку интелигентните луѓе се посреќни од паметните е длабоко вкоренета во популарната култура.
Зошто луѓето веруваат во овој стереотип?
Митот дека помалку интелигентните луѓе се посреќни се објаснува со комбинација на интуитивни и културни фактори. Многумина веруваат дека помалку знаење значи помалку грижи. Стереотипот за „несреќниот гениј“ често служи како психолошка одбрана - начин на зачувување на самопочитта во стилот: „Mожеби не сум најпаметен, но сум посреќен“. Кај натпросечно интелигентните, но несреќни луѓе, ова служи како рационализација на сопственото незадоволство.
Денис Братко, хрватски психолог и професор на Филозофскиот факултет во Загреб, објаснува дека пред да се утврди поврзаноста, треба да се дефинираат поимите. Ако среќата се гледа како субјективна благосостојба, тогаш митот не држи место. Напротив, повисоката когнитивна способност е поврзана со подобри образовни и социо-економски исходи, како и со здравјето и долговечноста.
Истражувањата покажуваат дека повисоката интелигенција е предвидувач на низа здрави однесувања: подоцнежен почеток со пушење, поздрава исхрана и редовна физичка активност. Едно истражување објавено во БМЈ дури утврди дека децата со повисоки когнитивни способности во просек живеат подолго.
Влијанието на посредните фактори
Професорот Братко нагласува дека веројатно не постои директна причинско-последична врска, туку влијание на „медијатори“. Интелигенцијата е поврзана со подобар социјален и економски статус, што води до поголема благосостојба. Истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон, спроведено на 6.700 возрасни лица, покажа дека луѓето со повисок коефициент на интелигенција почесто наведуваат дека се многу среќни.
Клучните фактори, како приходите, вработеноста и брачниот статус, објаснуваат околу 50 отсто од оваа поврзаност. Со други зборови, повисокиот коефициент на интелигенција е поврзан со поголема среќа затоа што обезбедува подобри животни услови. Кога ќе се земат предвид сите фактори, поинтелигентните луѓе во просек живеат поквалитетен и посреќен живот.
Извор:
Index.hr
Фото: Freepik