X
 16.06.2019 Живот

77 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци

Почетоците на младинското револуционерно движење во Ваташа почнуваат во втората половина на 1941 година кога Боро Ангелов-Ваташки ја организира првата младинска организација на ова напредно тиквешко село. Истата година во куќата на Диме Чекоров се формирани две скоевски групи во кои членуваат: Д. Чекоров, Б. Ицев, И. Димов, Г. Матаков, Мара Хаџи Јорданова и Мара Коцева, а во втората П. Џунов, П. Мешков, Р. Ѓондев, В. Гурев, П. Видев, Ката Видева, Станка Коцева и Трајана Андова.

Бугарскиот фашистички окупатор, имајќи сознанија за активноста на партиската и младинската организација од селото Ваташа презема низа мерки за да го спречи тоа движење. Бугарските воено-административни власти сакале по секоја цена да го оневозможат редикалното движење во ова тиквешко село, како значаен пункт за понатамошниот развој на НО движење во Тиквешијата. За таа цел од Скопје во Ваташа бил испратен бугарскиот обласен директор Димитар Раев.



Имајќи предвид дека ја губи контролата врз безбедноста во овој крај тој се одлучил да преземе безмилосна и крвава акција, а за идејата го известил и министерот за внатрешни работи во Софија со телеграма во која се вели: “Акцијата ќе се изведе со јаки воени и полициски единици, безмилосно “. Во оваа акција биле вклучени: Велешкиот, Битолскиот и Прилепскиот полк, граничните подучастоци од Конско и Мрежичко, сите полициски сили од Тиквешијата и Гевгелиско, специјалниот полициски одред од Скопје, една група од пет-шест полициски агенти од Скопје на чело со Борис Жуглов, а сите тие биле под команда на бугарски полковник Љубен Апостолов. Набргу по доаѓањето на овие сили започнува невиден терор врз цивилното население. Започнале претреси по куќите, психолошко заплашување со надлетување на авиони, исфрлање на летоци со пропаганден материјал за масовно предавање на партизаните.




Биле запалени куќи и плевни во селата Ваташа, Ресава и Шивец, а бројот на стреланите се зголемил на скоро 60 лица (Кавадарци 5, Неготино 4, с.Шивец 4, Дреново 5, Мрамор 5 лица итн.). Една десетина партизани од одредот “Добри Даскалов“, издвоена и без врска со главнината од одредот, преморени и изгладнети неколку дена се кријат околу с.Ваташа во реонот на Моклишкиот манастир. Тие се обидуваат да воспостават врска со активистите од селото и да добијат соодветна помош во храна, оружје и муниција. На 14 јуни 1943 година полициските мерки во овој крај биле особено засилени. Набргу се пуштил глас дека по повод прославата на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Трновски во Кавадарци, Неготино и Ваташа ќе се одржат паради за демонстрирање на силата на окупаторот. На 15 јуни во центарот на Кавадарци свирела воена музика донесена од Велес. Била донесена наредба улиците и куќите во Кавадарци и Ваташа да бидат исчистени и попрскани со вода. Бил воведен полициски час кој почнувал во 20 часот, а во селата во 19 часот. Таа иста вечер семејството Ангелови биле исфрлени од нивната куќа, а куќата со бомби им била разурната. И покрај ваквата состојба ваташкиот активист Блажо Чекоров и неговиот син Диме им однеле храна на десетмината партизани во месноста “Трсје“. Некаде околу полноќ во Ваташа влегле партизаните Наќо Ангелов и Наќо Мешков. По полноќ во селото Ваташа бугарските фашисти започнале со организирање на блокада на селото. Насекаде по селото започнале да патролираат вооружени патроли по улиците. На стратегиски пунктови во селото биле поставени митролески гнезда, подготвени за дејство. Некаде после полноќ Наќо Ангелов- Рочко успеал да ја пробие блокадата и повторно да се врати кај другарите од одредот, а Наќо Мешков Кочо останал во селото. Во раните утрински часови на 16 јуни бугарските полицајци го извршуваат првото апсење. Го приведуваат младинецот Диме Чекоров, кој бил испратен во Кавадарци на испитување кај бугарскиот агент Борис Жуглов.

Осамнало тоа злокобно утро (среда) 16 јуни, кога во Кавадарци бил пазарен ден, но никој од Ваташа не го напуштил селото. Тоа утро иако не бил празник никој не отишол по вода или по работа на полето. Започнале претреси по куќите. Во селото пристигнал бугарскиот поручник Костов заедно со полицискиот началник од Кавадарци Петко Опреков и двајца бугарски агенти, запоседнувајќи ја кафеаната на Васил Хаџи Јорданов. Ним им помагале двајца мештани од селото. Барабанџијата со јавен повик повикувал по еден член од секоја куќа и на секој од нив им било наредено да го предадат сето оружје или било каков друг воен материјал и истиот да биде предаден во собирниот пункт. Одзивот од оваа акција бил скоро поразувачки. Неколку матарки за вода, шаторски крила, две, три стари пушки и еден револвер. Бугарите биле бесни поради неуспехот на оваа акција. Некаде околу 9 часот во Ваташа пристигнал полковникот Љубен Апостолов во придружба со началникот на скопската обласна полиција Асен Богданов, кои по еден час повторно се вратиле во Кавадарци.




Наскоро од Кавадарци стигнал список со имиња за апсење, направен врз основа на една пронајдена фотографија во џебот на уапсениот Диме Чекоров. Фотографијата била направена од првомајската прослава на ваташките младинци во Моклиште истата година. Според подготвениот список бугарските полицајци ги уапсиле братучетките Павлина Илиева и Стева Ампова, потоа Ката и брат и Блаже Ицеви, потоа Пане Џунов, Ристо Ѓондев, Герасим Матаков, Пане Мешков, Невена Хаџи Јорданова. Во меѓувреме двајца бугарски полицајци на мотор со приколка, покриен со цирада го донеле од Кавадарци Диме Чекоров, целиот искинат и со крвави рани по лицето и по телото. По извесно време продолжило апсењето и набргу биле уапсени и спроведени Ферчо Поп Ѓорѓиев, Ванчо Гурев, Данко Дафков, Перо Видов, Илчо Димов, сите тие биле спроведени во кафеаната на Васил Хаџи Јорданов, кој бил приморан со пијалок да ги служе злосторниците. Откако сите биле донесени во кафеаната започнало крвавото иследување од страна на поручникот Костов, полицискиот началник Петко Опреков и двајцата бугарски полициски агенти со суровици и тупаници. По крвничкото тепање, младинците биле крвави по лицето со исекотини по лицето и телото и со распрталени алишта. Селскиот учител Ѓорѓи, по потекло од Бугарија се обидел да ги заштити младинците кои добро ги познавал, но бил грубо отстранет. На крвничкото испитување на бугарските агенти, кои веќе биле видно поднапиени им се придружил и агентот Борис Жуглов. Од иследуваните младинци во главно се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за нивното следење на програмата на Радио Москва, за врските со партизаните, за криењето на илегалци, а кај нив биле пронајдени и четири пушки, со кои тие требало да излезат во партизани. Поручникот Костов испратил еден моторциклист во Кавадарци, кој по еден час се вратил со наредба од полковникот Љубен Апостолов, уапсените младинци да бидат стрелани.




Некаде околу пладне младинците двајца по двајца биле изнесени од кафеаната. Во придружба на цел еден кордон војска, младинците, заедно со поручникот Костов, бугарските агенти и двајца полицајци се упатуваат кон месноста “Дулово долче“. На патот од кој никогаш нема да се вратат заминуваат: Перо Видов-15 години, Ванчо Гурев-19 години, Данко Дафков-18 години, Илија Димов- 18 години, Ристо Ѓондев-18 години, Блаже Ицев-20 години, Герасим Матаков-18 години, Пане Мешков- 18 години, Ферчо Поп Ѓорѓиев-26 години, Васил Хаџи Јорданов-28 години, Диме Чекоров-20 години, Пане Џунов-18 години. Со нив се спроведени и четирите младинки од селото, блиски роднини на некои од младинците и тоа: Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова.
На тргнување поручникот Костов им рекол: “Ајде сега да ни го покажете патот по кои требаше да одите во партизани“. Младинките оделе десетина метри по нивните другари. Околу 13 часот по пеколна горештина пристигнале во месноста “Дулово долче“. Блокадата од селото веќе била повлечена, а стрелачкиот вод запрел кај лаките во близина на реката Луда Мара. Младинците застанале под сенката на едно големо дрво, но окупаторските војници се наредиле во полукруг околу нив со митролези и пушки на готовс, а поручникот Костов тогаш наредил: “Наредете се еден до друг за да ве фотографираме“. Девојчињата се наоѓале на десната страна од младинците. Поручникот Костов се обидел да ги припои кон младинците, но полицискиот началник Петко Опреков му се спротивставил дека тоа што тој го прави не е наведено во наредбата. Тогаш Костов отишол кон своите војници и гласно изговорил:“Насекаде каде што одам наидувам на кукавици“. Во меѓувреме највозрасниот од младинците насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, наеднаш започнал да трча кон реката Луда Мара и се обидел да избега кон капините. По него тргнале и Диме Чекоров и Герасим Матаков. Костов иако во почетокот бил изненаден од смелоста на младинците, веднаш им издал наредба на војниците да стрелаат. Тогаш започнала стравична пукотница. Лесно погоден Васо Хаџи Јорданов успеал дури да извика: “Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“. Тој за момент застанал погоден од еден куршум, но продолжил да се засолнува. Останатите младинци погодени од рафалите на пушкомитролезот и куршумите од пушките паѓале како покосено класје еден до друг. Оние кои сеуште покажувале знаци на живот биле убивани. Насекаде во воздухот, се чувствувал силен мирис на барут, а неговиот чад го прекрил чистото летно небо. По претрпениот шок од запрепастувачката случка следувал жален писок на девојчињата, од кои три ги изгубија своите браќа. Нозете веќе им биле непослушни и биле приморани да седнат на земјата, одбегнувајќи да го гледаат страшниот призор. Еден бугарски војник отишол кон нив и започнал да им ги дига главите викајќи: “Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Потоа следувало она најстрашното. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата започнале со нив да ги бодат телата на оние младинци кои сеуште покажувале знаци на живот. Но тоа не било се, војниците по извршениот масакр започнале да им пребаруваат по џебовите, а на неколкумина им ги одзеле часовниците од рацете. За масакрот во Ваташа пишува во “Билтен“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година, каде меѓу другото пишува: “Тие се изрешетани со куршуми од митролези, па се после исечени и избодени, на некои им се вадени очите и сечени рацете. Младинките се стуткуваат една кон друга, а Костов со шмајзер и револвер, од кого сеуште му чадела цевката, му се закануваше: Гледајте и вас ќе ве снајде истото“. Откако му реферирале за успешно извршената задача, полковникот Љубен Апостолов, кој раководел со акцијата искажал големо задоволство и рекол: “Тоа е тоа, страшни момчиња имам“.




Во селото Ваташа веќе се прочула злокобната вест за трагедијата на нивните деца во Моклиште и целото село веќе било на нозе Кога војниците и преплашените младинки се враќале кон селото ваташани веќе биле тргнати и се упатувале кон Моклиште. Жените на глас колнеле, а мажите смислувале одмазда. Овој крвав настан кој ќе остане запаметен како еден од најголемите злочини што го извршија фашистите во Македонија во времето на Втората светска војна, го опеа поетот Лазар Манчевски во песната “Ми заплакало селото Ваташа“, во летото 1953 година.
Ниту еден злостор во историјата не останал неказнет, така заслужена казна ги стигнала сите актери во овој масакр, кој остана забележан како врв на сите злосторства што бугарските фашисти ги извршија во Македонија. Учесниците од стрелачкиот одред кои беа директни учесници во крвавиот ваташки злостор ги стигна заслужената казна. Во борбата кај с. Страмашево на 13 јули 1944 година ја добија заслужената казна. Два батаљона на Втората македонска ударна бригада во жестоката акција успеаа да ликвидираат 40-сетина бугарски војници од оваа злогласна единица, а само неколкумина успеале да се спасат со бегање. Поручникот Костов и помошникот на полицискиот началник од Кавадарци Петко Опреков биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Нивниот наредбодавец полковникот Љубен Апостолов на 3 ноември 1944 година го откриле македонските емигранти во Софија и го привеле во штабот на македонската народноослободителна бригада “Гоце Делчев“. Бил приведен и однесен во Кавадарци каде му е судено како на воен злосторник. Народниот суд во Кавадарци го осудил на смрт, а му пресудил народот од овој крај. Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле осудени на смрт во Скопје и стрелани.




Покрај воените окупаторот презема и низа репресивни мерки. Подрачјето каде што се одвивала Јунската офанзива целосно го опожарува, така што во него не останала ниту една плевна, трло или колиба. Голем број луѓе се уапсени, претепани и интернирани, а за сите тие несреќи непријателот настојувал да го обвини партизанскиот одред “Добри Даскалов“, со паролата: “Да не беа партизаните, немаше овде да доаѓа војска и да страда наслението“.
Убиствата кои беа извршени, како и апсењата и теророт што го спроведоа бугарските фашисти во Тиквешијата, а кои својата кулминација ја имаа на 16 јуни со свирепото и ѕверско убиство на дванаесетмината младинци од Ваташа, не само што не го поколебаа населението од овој крај, туку напротив го сплотија, револтираа и окуражија.


Наместо да се исплашат од крвавиот злочин, по убиството на младинците уште петмина ваташани стапуваат во редовите на тиквешкиот партизански Одред “Добри Даскалов“ и тоа: Ката Видикова-Ружа, Блажо Чекоров- Ѓуро, Методи Џунов- Џико, Блаже Џунов-Млаѓо и Гичо Еленов и др. И денес 76 години по овој крвав настан сите слободољубиви луѓе и сите кои ја ценат и почитуваат слободата на својот народ многу добро знаат дека сето она што го направија младинците од село Ваташа е дело достојно за почит и восхит и секогаш ќе остане да се памети и почитува од сегашните и идни генерации, затоа што нема ништо посвето од слободата на својата татковина и слободата на својот народ. Нека им е вечна славата.

Фотографиите се дел од изложбата што направена во организација на Петре Камчевски во 1993 година по повод 50-години од стрелањето на 12-те младинци, а денес се чуваат во Музеј-галеријата во Кавадарци.
Подготвил: Петре Камчевски, советник- историчар

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот