X
 22.07.2018 Наша тема

Младинска работна акција во Скопје: 200 ударници од поранешна Југославија ќе го светнат студентскиот кампус во Автокоманда

Ударниците денеска ќе се сместат во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда. И ова има своја симболика бидејќи по земјотресот во 1963, домот го изградиле токму ударници на работна акција


Двесте ударници од земјите од поранешна Југославија утрово ќе пристигнат на скопската Железничка станица и ќе учествуваат во работната акција што ќе трае една недела. Студенти, средношколци, работници и пензионери кои до пред триесет години редовно учествувале во изградбата на својата татковина, ќе пристигнат утрово со два вагона, во возот кој тргна од Белград. Ќе им се придружат на ударниците од Македонија и заедно ќе учествуваат во младинската работна акција што ја организираат здруженијата на акцијаши во земјава. Сите заедно ќе одбележат неколку јубилеи - 70 години од младинската работна акција „Маврово 48“, 40 години од младинската работна акција „Братство и единство“ и 55 години од скопскиот катастрофален земјотрес.

Горан Илиев (во средина)

- Сите се волонтери на различна возраст. Целта е да им покажеме на младите како порано се грижевме за татковината и ја градевме. И тоа го правевме од љубов, а не за пари. Тоа порано се викаше „братство-единство“. Сакаме да ги вратиме младите на вистинскиот колосек – вели Горан Илиев од Здружението на граѓани „Акцијаши“ од Скопје.

Не етикетирајте ја како комуњарска, се организираше и во времето на ВМРО

Тој нагласува дека акцијата не треба да се етикетира како „комуњарска“ бидејќи е исклучиво граѓанска и не се организира првпат.
- Се организира и пред пет години кога се одбележуваа 50 години од катастрофалниот земјотрес од Скопје, а на власт беше друга политичка опција. Тогаш бевме сместени во шатори во Градски парк. Бевме вистински хит. Репортажи за нас објавија Би-би-си и Си-ен-ен – раскажува Илиев.

Една од акциите во поранешна Југославија Фото: Wikimedia Commons

Ударниците денеска ќе се сместат во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда. И ова има своја симболика бидејќи по земјотресот во 1963, домот го изградиле токму ударници на работна акција, во рамките на солидарната помош која од цел свет пристигнувала во разурнатото Скопје. Ќе биде направен екокампус околу факултетите во Општина Гази Баба.

- Првпат, по толку години од распаѓањето на Југославија, ни доаѓаат 80 младинци од сите земји. Сите ќе можат да бидат дел од системот, како што порано функционираа акциите. Ќе стануваме во 6 часот наутро, ќе ги местиме креветите, ќе појадуваме и од 8 часот до пладне ќе го расчистуваме и уредуваме целиот простор околу факултетите – вели Илиев.

В четврток во 5:17 часот сите ќе ги разбуди сирена

Денеска ударниците ќе се сместуваат, ќе формираат работен штаб, работни бригади. Ќе работат по четири часа дневно. Имаат поддршка од градоначалникот на Гази Баба, кој им обезбедил работничка облека, а ќе имаат помош и од општинското јавно комунално претпријатие. „Македонска железница“ го обезбеди бесплатното сместување на акцијашите.
Илиев објаснува дека секој ден по ручекот ќе имаат различни културни активности, работилници, ќе им гостуваат македонски фолк и поп-музичари.

Една од акциите на скопските „акцијаши“

- В четврток, на 26 јули, во 5:17 часот наутро сите ќе нè разбуди сирена. Со едноминутно молчење ќе им оддадеме почит на сите што загинаа пред 55 години, а потоа ќе одиме на гробиштата во Бутел и ќе положиме цвеќе пред споменикот на жртвите од земјотресот – објаснува Илиев.

На овој ден ќе биде ставен најголемиот акцент, попладне ќе има активности во Музејот на град Скопје, сместен во Старата железничка станица која била урната во земјотресот, ќе има учесници од Армијата, од Дирекцијата за заштита и спасување, од Црвен крст, ќе има шаренило од униформи. Претставници од овие институции на ударниците ќе им држат обуки по давање прва помош и санирање на повреди, како да се постапува при пожар, при земјотреси и поплави. В сабота ќе има квиз со прашања од обуките.
Во текот на неделата тие ќе заминат и во Бригадирската населба во Катланово, со што ќе бидат одбележани 40 години од младинската работна акција „Братство и единство“, кога била изградена делницата од автопатот од Скопје до Куманово, а во Маврово ќе бидат одбележани 70 години од првата младинска работна акција во Македонија. В сабота навечер е прошталната вечер со забава, а в недела ударниците ќе се качат во возот за Белград и ќе си заминат дома.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема