Читалиштето во кавадаречкото село Ваташа деновиве наполни 150 години од формирањето, со седум медали се вратија младите со Даунов синдром од меѓународниот натпревар за лица со посебни потреби „Београд опен 2019“, како 18 студенти од Архитектонскиот факултет - Скопје го направија Кратово пристапно за сите, зошто Државната комисија за спречување корупција ја отфрли пријавата на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски. Пишувавме и за филмот „Стела“, кој во многу работи ќе биде пионер. Тоа е првиот македонски детски игран филм. Но, пионер е и според друга особина – тоа е првата еколошка или зелена продукција снимена кај нас. Ова се темите за кои пишувавме неделава.
Читалиштето во кавадаречкото село Ваташа деновиве наполни 150 години од формирањето. Иако куќата во која било сместено денес не постои, историските извори и фотографии говорат за народното читалиште отворено во средината на 1869 година. Според авторот на написот во весникот „Право“, Јордан Хаџи Константинов-Џинот известува за постоењето и функционирањето на читалиштето во селото Ваташа.
Училиштето каде што било сместено и читалиштето / Фото: од сочуваната документација на П. К.
- Може да се претпостави дека негов иницијатор бил токму Џинот. Просториите во кои било сместено читалиштето се наоѓале во училиштето кое го носело името на првиот македонски печатар и преродбеник Даскал Камче Поп Ангелов - објаснува Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци.
Со седум медали се вратија
младите со Даунов синдром од меѓународниот натпревар за лица со посебни потреби „Београд опен 2019“ што се одржа изминатиот викенд. Тие се натпреваруваа во две категории – атлетика и пливање, а лицата со Даунов синдром од македонскиот фудбалски клуб „Карпошово“ одиграа пријателски натпревар со „Мунгоси“ од Србија.
На манифестацијата што се одржа шести пат учествуваа 20 држави со повеќе од 700 натпреварувачи на возраст од 15 до 26 години. Тренери од Македонија на децата се Борче Боев и Радован Велјановски, кои работат волонтерски.
Осумнаесет студенти од
Архитектонскиот факултет - Скопје под менторство на проф. д-р Бојан Каранаков и проф. д-р Дивна Пенчиќ со своите идејни решенија го направија Кратово пристапно за сите. Тие лично истражуваа со какви проблеми се соочуваат лицата со одреден хендикеп во овој град и потоа понудија решенија за полесно движење низ стрмните улици. Крајниот резултат е изложба со архитектонските решенија во Музејот на град Кратово во галеријата на Домот на културата „Лазар Софијанов“.
- Подобрувањето на пристапноста подразбира многу повеќе од една обична рампа, елеватор, лифт или платформа. Подобрувањето на пристапноста започнува од подигнувањето на свеста за оваа невидлива група наши сограѓани кои, за жал, поради непристапноста на градовите, се заробени во своите домови. Оттука архитектонските решенија што ја третираат оваа проблематика треба да создаваат простори кои ќе ги користат сите, самостојно и достоинствено, а со тоа ќе претставуваат простор за средби и интеракција наместо да бидат ексклузивно наменети само за една група корисници - вели професорот Каранаков.
Државната комисија за спречување корупција ја отфрли пријавата на
просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски во делот за наводното незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата државни функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули, прогласувајќи се за ненадлежна.
Во исто време и комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен се прогласи за ненадлежна да донесе одлука по неговата жалба за деградирањето на работното место.
Но, антикорупционерите сепак ќе отворат нова постапка, односно ќе проверуваат дали има судир на интереси по однос на одредени одредби во Законот за високото образование бидејќи не се доволно прецизни и овозможуваат различно толкување, а утврдиле и дека има судир на интереси при вршењето на вонредниот инспекциски надзор.
Осумте локални музеи во земјава одлучија да создадат мрежа во која сите ќе дадат свој придонес за подобрување на нивните услови за работа, но и нивниот статус во државата. Денес и утре, по покана на директорот на Музејот од Крива Паланка, тие ќе се сретнат во овој град на манифестацијата „Денови на македонските музеи“. Идејата на проектот е да се подобри статусот на локалните музеи во Македонија, но и да се подобри присутноста на локалните музеи во јавниот простор и местата на одлучување, преку организација на туристичка манифестација и пропаганден материјал. Во проектот се вклучени сите осум локални музеи во земјава: Музеј на град Скопје, Народен музеј - Велес, Музеј на Град Кратово, Народен музеј - Свети Николе, Музеј на град Неготино, Музеј и галерија - Кавадарци, Археолошки и историски музеј - Виница и Градски музеј - Крива Паланка.
Драган Величковски, директор на Музејот во Крива Паланка
Филмот „Стела“ во многу работи ќе биде пионер.
Тоа е првиот македонски детски игран филм. Но, пионер е и според друга особина – тоа е првата еколошка или зелена продукција снимена кај нас. Тимот на продукцијата „Дрим фактори“ и цела екипа што работеше на филмот се потрудија што помалку да ја загадат природата, да не користат пластика, да го рециклираат отпадот...
Филмот по сценарио на Ева Камчевска се снимаше во средината на јуни, во Скопје и Галичник. Последната фаза од снимањето беше одложена за октомври поради повреда на главниот актер Петар Маниќ од Србија, но се очекува да продолжи во октомври во Штутгарт, Германија.
Стела и Огнен Антов
Продуцентот Огнен Антов ни објасни што сѐ било во екоманир.
За да се избегне употребата на пластични чаши, секој член доби свое шише со вода, обележано со името на филмот „Стела“. Нашиот менаџер за транспорт го правеше списокот со дневни испораки со цел да заштеди гориво. На пример, на планината Водно ја користевме жичницата за превоз на храна и понекогаш и транспорт на екипата. Целиот наш превоз или транспорт беше извршен со возила што се Евро 4 норматив и налепници за зелена емисија на штетни гасови. Освен што користевме гондола, имавме и велосипеди оставени да ги користиме на некои од локациите. На дел од нашите локации користевме електрична енергија од главната електрична мрежа со цел да ја намалиме употребата на генератор, кој дополнително го загадува воздухот – набројува продуцентот.