X
 16.06.2021 Култура

Ова е најпопуларната серија на „Нетфликс“ за која сите зборуваат

Џим Микл конечно создаде хит. Режисерот, кој по паметиме по „Ние сме она што сме“ и „Студено во јули“, одличен крими-филм со Мајкл Хол, Сем Шепард и Дон Џонсон, овие денови стана популарен со неговата нова серија „Сладок заб“ (Sweet tooth), за која сите се надеваат дека нема да остане само на една сезона.

Станува збор за филмска адаптација на истоимениот канадски стрип на Џеф Лемир, објавен во „Ди-си Комикс“, односно во делот „Вертиго“, наменет за возрасни поради провокативната содржина. Микл се поврзал со него пред неколку години и на крај се одлучиле „Нетфликс“ да биде платформата на која ќе ја претстават серијата.

Сличности со секојдневието

Дополнителна актуелност на серијата беше постигната со паузата поради пандемијата, па во сценариото беа додадени употребата на маски и потрагата по вакцина - затоа немојте да бидете изненадени со сличностите од секојдневниот живот. Како и да е, главниот протагонист е 10-годишно момче со рогови, слично на млад елен, а светот во кој се одвива серијата е опустошен од вирус и некако истовремено почнуваат да се раѓаат деца-хибриди од животински видови.

Дали хибридите го предизвикале вирусот или обратно, во првата сезона не се дознава, но факт е дека светот е против хибридите, па се носат во лаборатории и се експериментира врз нив, што е доволна причина да се повлечат во недостапни области и да избегаат од луѓето. Така, младиот елен Гас и неговиот татко отишле да живеат во националниот парк Јелоустоун, каде што му било овозможено основно образование и Гас научил како да се движи во природата.

Кога таткото починал, момчето продолжило да живее само, сè до моментот кога љубопитноста не го однела до работ на шумата, каде што веднаш било фатено од ловците на хибриди, но џинот Томи Џеперд, поранешен американски рагбист, го спасува и му станува придружник во потрагата по неговата навидум фантомска мајка. По пат им се придружува и тинејџерката Бер, разочарана од војската за спасување на хибридите составена од нејзините врсници, која сама ја основала. Тројцата се во постојана опасност, но до одредена точка секогаш успеваат да се извлечат.

Серијата е опишана како вкрстување помеѓу „Лудиот Макс“ и „Бамби“, што не е претерување. Малиот Гас е симпатичен, а неговата потрага по мајката има некоја дизни-нота и предизвикува потсмев од неговите придружници, додека бескрајните пространства и авантури во возот потсетуваат на визуелната проза на Џорџ Милер. Меѓу актерската екипа особено е добар Нонсо Анонзи (кој го глуми Томи Џеперд). Оваа комбинација на естетика и одлична екипа ѝ одговара на публиката, па во моментов ова е најпопуларната серија на „Нетфликс“.



Извор: Jutarnji.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура