X
 16.06.2021 Живот

Подарокот што Ѓоковиќ му го даде на младиот навивач може да чини десетици илјади долари

Најсреќната личност на Отвореното тениско првенство на Франција во неделата можеби не беше новокрунисаниот шампион во машка конкуренција.

Еден млад навивач покажа неизмерна радост откако доби уникатен сувенир од Новак Ѓоковиќ.

По неколку моменти откако успеа да го победи Стефанос Циципас и да си ја обезбеди 19. голема титула, Ѓоковиќ му пристапи на едно момче во првиот ред на трибините и му го подари својот рекет. Момчето го зеде рекетот со двете раце и почна да скока од радост.

Запрашан за овој момент по натпреварот, Ѓоковиќ објасни дека момчето останало цело време во аголот, дури и кога се чинеше дека Ѓоковиќ ќе загуби, охрабрувајќи го, па дури и нудејќи му неколку предлози.

- Ми велеше: Одржувај го сервисот. Добиј лесна прва топка, а потоа диктирај го темпото. Оди на неговиот бекхенд - изјави Ѓоковиќ.

- Буквално ми зборуваше како тренер и тоа за мене беше многу симпатично и убаво, па затоа го дадов рекетот на најдобрата личност на натпреварот. Тоа беше еден вид  благодарност кон него што беше до мене и ме поддржуваше - додава Ѓоковиќ.

Експертите за спортски сувенири велат дека момчето има добра причина да биде возбудено поради подарокот. Рекетот на Ѓоковиќ би вредел десетици илјади долари ако момчето го стави на аукција.

Рекетот може да достигне цена од 25.000 до 35.000 долари денес, проценува Кен Голдин, основач и извршен претседател на „Голдин окшнс“. Езра Левин, извршен директор на инвестициската платформа за спортски сувенири „Колектибл“, смета дека цената би можела да оди уште повисоко и да достигне до 50.000 долари.

Голдин вели дека рекетот би достигнал 50.000 долари доколку Ѓоковиќ обезбеди 20 или повеќе големи титули и 75.000 до 100.000 долари доколку ги освои овогодишните „Вимблдон“ и Ју-ес опен за да го заврши гренд-слемот во 2021 година.

Додека рекетот на Ѓоковиќ е профитабилен сувенир за тенис, не е ни близу до вредноста на сувенир од многу попопуларен спорт. На пример, Голдин вели дека дресот на Том Брејди од „Супер боул“ во 2021 година може да достигне цена од над 1 милион долари.

Секако, ова не е важно за момчето што го доби рекетот на Ѓоковиќ. Според неговата реакција, тој воопшто не  планира да го продаде во скоро време. За него, ова парче тениска историја е бесценето.


Извор: Sports.yahoo.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот