X
 30.12.2016 Наука

Планетата Земја ни подарува една секунда повеќе за Новогодишната ноќ


Планетата Земја испишана со бинарни броеви

Новогодишната ноќ оваа година ќе трае една секунда подолго и тоа е подарокот од планетата Земја за оние кои ќе се веселат.

Во сите земји од светот минутата помеѓу 23.59 и 00.00 според времето UTC/GMT (координирано универзално време) ќе трае секунда повеќе, односно 61 наместо 60 секунди.

Земјите чии часовници се поврзани со координираното универзално време (UTC) односно повеќе земји од Западна Африка, Велика Британија, Ирска и Исланд ќе додадат една секунда повеќе во своето одбројување до полноќ за Нова година.

Македонија заедно со земјите кои се наоѓаат во зоната на централноевропско пресметување на времето (UTC/GMT +1), ќе имаат подолг прв час во Новата година, односно дополнителната секунда ќе биде меѓу 00.59 и 01.00 часот.

„Таа дополнителна секунда или интеркаларна секунда, дозволува да се усогласи астрономското нерегуларно време поврзано со земјината ротација со временската скала што е легална и вонредно стабилна и која од 1967 година ја одредуваат атомските часовници“, наведе во своето соопштение Опсерваторијата во Париз.

Скалата за пресметување на времето што се користи насекаде низ светот се заснова на атомски часовници со голема прецизност.

Меѓутоа „природното“ или „астрономското“ време кое е дефинирано од ротацијата на Земјата околу Сонцето, и кое го одредува протекот на денот и ноќта, е нерегуларно.

Долгорочно гледано планетата има тенденција на успорување под влијание на гравитационото привлекување на Месечината и Сонцето, со што незабележливо се продолжуваат деновите на жителите на Земјата.

Заради ова, одвреме-навреме е потребно усогласување на часовниците според планетите, а како референца се зема Координираното универзално време или UTC.

Во просек, на секои 18 месеци треба да ги вратиме часовниците една секунда поназад за да ја почувствуваме природата. Тоа е веќе направено 26-пати, почнувајќи од 1972.

За додавањето на „дополнителната секунда“ одлучува Меѓународната служба за ротација на Земјата и референтните системи (IERS) чие седиште се наоѓа во париската опсерваторија.

Треба да се истакне дека никој нема да ја забележи разликата од една секунда повеќе, но потребно е да се регулираат навигационите системи преку сателитите и да се синхронизираат во голема компјутерска мрежа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука