X
 16.07.2021 Наука

Кој е посреќен - ранобудниците или ноќните птици, објаснува невронаучник

Една поговорка вели - кој рано рани, две среќи граби, а во поп-културата има многу варијации на темата дека ранобудниците имаат подобар живот, завршуваат повеќе работи и имаат насмевка на лицето.

Безброј статии ветуваат дека ако станеме еден час порано наутро, ќе бидеме суперпродуктивни, исто како водечките светски претприемачи.

Ако сте ноќна птица, која претпочита да остане до доцна навечер и да спие повеќе наутро, можеби се надевате дека тоа не е точно. Психологијата на хронотиповите во голема мера ја поддржува популарната слика за ранобудниците, но реалноста има повеќе нијанси.

Еден фактор што треба да се има на ум е дека мнозинството, околу 60 отсто, не сме ранобудници и ноќни птици, туку сме мешавина од двете. Друг фактор што треба да се разгледа е дека хронотипот не е само времето кога си легнувате и кога се будите наутро, туку и вашето оптимално време на функционирање - ранобудниците имаат најдобри перформанси рано наутро, додека ноќните птици имаат најдобри перформанси подоцна, што може да има очигледни предности за одредени патеки во кариерата кои вклучуваат работа навечер или ноќни смени.

Што се однесува до тоа кој се вклопува во која група, жените почесто се утрински хронотип, додека мажите почесто се ноќни птици, односно ноќен хронотип. Возраста е уште еден релевантен фактор. Во адолесценцијата постои тенденција да се насочиме повеќе кон ноќниот хронотип, но по адолесценцијата утринскиот хронотип станува почест.

utrinska
Фото: Freepik

Што се однесува до тоа кој е посреќен, многу истражувања покажуваат поврзаност меѓу ранобудниците и поголемата среќа. Така, едно неодамнешно истражување спроведено на стотици студенти по медицина, направено од Универзитетот „Докуз Ејлул“ во Турција, открило дека ранобудниците имале повисоки бодови на прашалникот за мерење на среќата.

Поинаку кажано, 26,6 отсто од студентите категоризирани како ноќни птици покажале пониско ниво на среќа од студентите категоризирани како ранобудници. И истражувањата спроведени на постари луѓе покажуваат поврзаност помеѓу утрата и поголема среќа.

Според истражување спроведено на Универзитетот во Лајпциг, емоционалната предност на ранобудниците се манифестира и во поголемо задоволство од животот и намалена ранливост на проблеми со менталното здравје. Други истражувања посочуваат дека луѓето што се ноќни птици имаат поголема веројатност да доживеат симптоми на депресија, сезонско афективно нарушување и проблеми со злоупотреба на супстанции.

Сето ова го покренува прашањето од каде потекнуваат нашите тенденции да бидеме ранобудници или ноќни птици и дали можеме да ги промениме. Како што покажал тим од Универзитетот „Ворвик“, хронотипот е поврзан со личноста - да се биде ранобудник е поврзано со постигнувањето повисоки вредности на совесност.

Спротивно на тоа, екстровертноста и отвореноста се карактеристики поврзани со повеќето ноќни птици.

Добрата вест е што личните особини и хронотиповите можат да се променат. И двете се формирани од фактори надвор од нашите гени, како што се семејното опкружување и професионалните улоги и рутините што се бараат од нас.

Автор: Кристијан Џарет, невронаучник

Извор: Sciencefocus.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука