X
 22.08.2026 Наука

Мајмуните разбираат геометрија речиси како луѓето - разликата е само во образованието

Ако некогаш сте планинареле и сте стигнале до раскрсница, можеби сте се соочиле со два триаголници: едниот покажува десно, а другиот лево. Знаете дека насоката кон која покажуваат има значење, но истовремено знаете и дека станува збор за две исти форми, ротирани за да означат насока.

Таа способност за препознавање геометриски идентични форми, дури и кога се ротирани, често им користи на луѓето, но излегува дека не сме единствените суштества способни за тоа.

Кога станува збор за разбирање на геометријата, недостигот на формално образование можеби е една од единствените работи што ги кочи нашите роднини меѓу приматите.

Научници од Универзитетот „Карнеги Мелон“ предводеа тим со цел да истражат колку се разликува нашето разбирање на формите од она на другите примати.

Нивните сознанија произлегуваат од експерименти во кои учествувале осум возрасни мајмуни: четири резус макаки и четири маслинести павијани, 55 дечиња од предучилишна возраст (на возраст од 3 до 6 години) од САД и 77 возрасни волонтери од домородниот народ Цимане со минимално формално образование.

Мајмуните толку многу уживале во играта на споредување, што често формирале ред, при што доаѓало и до кавги ако некој предолго ја заземал играта.

Тие, исто така, искористиле и дел од податоците од претходна студија во која биле опфатени павијани, деца од предучилишна возраст и првачиња од Франција, како и возрасни лица од Франција и домородни лица од народот Химба, анализирајќи ги сите податоци во паралела.

- Со проучување на возрасни лица со неформално геометриско образование рамо до рамо со возрасни кои се здобиле со геометриско образование (како во САД), децата и мајмуните, можевме да ги дефинираме аспектите на геометриското размислување што се појавуваат природно, а кои се зајакнуваат конкретно преку образованието - вели развојниот невронаучник Џесика Кантлон.

Мајмуните можеби го немаат истото симболично разбирање на геометриските форми како нас, но нивната способност да препознаат ротирани триаголници, правоаголници, трапези и други форми во низа е речиси на исто ниво со човек кој немал формално образование.

Учесниците од сите возрасти и видови имале задача да завршат вежба за споредување користејќи екран на допир. Целта била во куп разни геометриски форми да се пронајдат парови со иста геометрија (на пример, два правоаголни триаголници) кои можеби се со малку поинаква ротација или различна големина.

Учесниците добиле многу малку инструкции за задачата и им било кажано сами да го сфатат принципот преку проби и грешки.

Точните одговори биле проследени со позитивен звучен сигнал, а приматите и децата добивале награда. Во случајот на мајмуните, тоа било житарка, а за децата стикер.

- Она што најмногу изненади е тоа што децата на мала возраст, пред да добијат какво било формално математичко образование, се мачат со задачата исто како и мајмуните. Откривме дека совпаѓањето меѓу децата и мајмуните е речиси исто толку големо колку и меѓу децата и возрасните - вели Џијалин Ли, истражувач по психологија и еден од водечките автори на трудот.

За успешно совладување на ваквиот предизвик, потребно е апстрактно разбирање на геометриските карактеристики за кое порано се мислеше дека е својствено само за луѓето, но тоа повеќе не е случај.

- Кога возрасните ги гледаат овие форми, лесно ги препознаваат како исти. Но, за малите деца и мајмуните тоа не е толку едноставно бидејќи формите се со различна големина или свртени во различна насока. Резултатите покажуваат дека способноста за апстрактно размислување не е само човечка. Напротив, дел од основите на математичкото размислување ги делиме со другите примати, а луѓето подоцна ги развиваат и надградуваат преку образованието и културата - вели Кентлон.

За возрасните луѓе, задачата била многу полесна, веројатно поради нивната способност во поголема мера да се потпрат врз симболичните карактеристики на секоја форма, како што се симетријата, должината на страните, како и тоа дали се паралелни.

Анализата на податоците покажа дека децата и мајмуните повеќе се потпирале на интуитивна обработка на информациите, додека возрасните во поголема мера се потпирале на симболички пристап, несвесно извлекувајќи ги основните геометриски правила што дефинираат слични форми.

Ова сугерира дека поизразената употреба на симболички претстави се учи, најверојатно преку формалното образование, наместо да биде вродена карактеристика на човечката интелигенција.

Можеби научниците ќе мора да почнат да им држат часови по геометрија на мајмуните за да го откријат нивниот вистински потенцијал.

Извор: Science Alert
Фото: Twitter/ Scott Hamilton/RIT

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука