X
 16.07.2024 Технологија

Знаете ли колку струја трошат „Гугл“ и „Мајкрософт“?

Технолошките гиганти „Гугл“ и „Мајкрософт“ потрошиле по 24 терават-часа електрична енергија во 2023 година, надминувајќи ја потрошувачката во повеќе од 100 земји, покажало ново истражување.

Анализата на Мајкл Томас, споделена на платформата „X“, тврди дека и „Гугл“ и „Мајкрософт“ користеле исто количество енергија како и Азербејџан, чиј БДП се проценува на 78,7 милијарди долари. Приходите на „Гугл“ во 2023 година беа 307,4 милијарди долари, а на „Мајкрософт“ 211,9 милијарди долари.

Огромната потрошувачка на енергија го нагласува значајното влијание на овие компании врз животната средина. Но, тоа служи и како потсетник за нивната енормност и позитивното влијание што би можеле да го имаат врз водење поодржливи иницијативи.

Исланд, Гана, Доминиканската Република и Тунис потрошиле по 19 терават-часа, додека Јордан потрошил 20 терават-часа, што го истакнува огромниот обем на двете технолошки компании. Нешто повеќе енергија потрошиле Либија (25 терават-часа) и Словачка (26 терават-часа).

Споредбата помеѓу цели земји и две поединечни компании ги истакнува огромните енергетски потреби на технолошките компании. Потрошувачката, исто така, алудира на влијанието врз животната средина на центрите за податоци, кои се користат за напојување на облак-услугите, како и следната генерација на вештачка интелигенција.

Значителната потрошувачка на електрична енергија на овие компании бара постојани дискусии за одржливоста и прифаќањето на обновливите извори на енергија.

Извор: bajtobox.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија