Група истражувачи од „Стенфорд“, водени од електроинженерот Сид Асававорарит, создале уред за соларен панел кој може да произведува електрична енергија навечер, под услов на небото да нема облаци. Панелот произведува мало количество електрична енергија од малата разлика во температурата помеѓу воздухот и површината на сончевиот панел насочен кон вселената.
Во текот на денот светлината што доаѓа од Сонцето удира во соларниот панел, но навечер се случува нешто спротивно и панелот испушта инфрацрвена радијација.
- Има светлина што излегува (од соларниот панел) и ја користиме за да произведеме електрична енергија навечер. Фотоните што се испуштаат кон ноќното небо всушност ја ладат соларната ќелија - објаснува Асававорарит.
Фото: Pixabay
Како што фотоните излегуваат од површината на панелот, тие со себе ја носат и топлината, а тоа значи дека на чисто вечерно небо, кога нема облаци за да ја рефлектираат инфрацрвената светлина назад кон Земјата, температурата на површината на панелот ќе биде неколку степени пониска од воздухот околу неа.
Уред направен од истражувачите ја користи оваа топлина од воздухот околу панелот за да произведе електрична енергија.
Истражувачите успеале да произведат околу 50 миливати енергија за еден квадратен метар сончев панел. Теоретски, би можело да се произведе околу 1 или 2 вати енергија за квадратен метар сончев панел, според Асававорарит.
Извор:
Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay