Околу 28 април во земјава ќе пристигнат 200.000 кинески вакцини, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека потврдата ја добил утрово од кинеската амбасада во земјава.
По 10 илјади вакцини од „Фајзер“ ќе стигнат во земјава на 19 и на 26 април, повтори тој. Станува збор за вакцини против Ковид-19 кои се добиени со директен договор на земјава со компанијата. Преку КОВАКС-механизмот 76.000 дози на „Астра зенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот од мај.
- Со оглед на тоа дека поголемата пратка на вакцини што ја очекуваме е од Кина, се планира масовна вакцинација во повеќе градови, освен во Скопје, и тоа во објекти во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и во Тетово, кои ќе ги покријат и околните градови - рече Филипче.
Фото: Борче Поповски