X
 26.10.2020 Здравје

Засега полициски час не е решение. Смртноста е голема поради други болести и зашто доцна се оди во болница, вели Филипче

Полициски час не е решение во овој момент. Доволно е да се почитуваат мерките што се веќе познати. Граѓаните да излегуваат надвор само ако имаат потреба, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната средба со новинарите, која се одржа пред зградата на Министерството. На средбата присуствуваше и претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Жарко Караџовски.

- Утре во собраниска процедура ќе се разгледува Законот за заштита на населението од заразни болести, па верувам дека сите пратеници се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме и дека брзо ќе го изгласаат. Таму има мерки што ни се потребни. Апелирам сите да се придржуваат до мерките, така ќе придонесат епидемијата да стивне - изјави Филипче.

Тој информира дека во модуларната болница до Инфективната клиника примаат пациенти. Нема место во Куманово, па пациентите оттаму се препраќаат во Скопје. Во Охрид се менаџира со интерното одделение и  има слободни кревети, а место има и во Гостивар.

Државата ќе набави и количини од лекот „ремдесивир“, а в петок се очекува да стасаат и 60 респиратори и лична заштитна опрема.

Во врска со големата смртност што го достигна врвот вчера со 22 починати лица во едно деноноќие, Филипче кажа дека анализата покажала дека пациентите што умираат имаат и коморбидитети од кои биле лекувани подолго време. На влошувањето на состојбата на пациентот влијае и фактот што голем број од нив доцна доаѓаат во болница, со веќе тешка клиничка слика. Над 85 отсто од починатите се пациенти со други претходни болести.

- Најголем број од пациентите чувствуваат слабост, премаленост, имаат затнат нос, температура. Остануваат дома и ја примаат одредената терапија. Од 2 до 4 отсто завршуваат на клиника, а од смртните случаи, најчесто се работи за пациенти со коморбидитет. Здравствениот систем има можност да ги растегне клиничките капацитети и многу одделенија да станат ковид-одделенија. Но, најважно е да се почитува апелот за придржување кон мерките зашто немаме резервни здравствени работници. Немаме други со кои ќе направиме замена - потенцира Караџовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје