X
 27.03.2019 Наша тема

Студентите не лутаат по материјали за учење, а со професорите може да дискутираат и на форум. Како тоа изгледа на ФИНКИ?

Секој студент на почетокот на студирањето се поврзува со своја е-адреса до системите на ФИНКИ за да добива известување за наставата, да се информира за термини за консултации, промена на термини за часови, користи софтвер за поддршка и организација на наставата, а постои и систем за дипломски работи што го автоматизира процесот

Студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје воведните курсеви за програмирање ги совладуваат преку веб-систем за автоматско оценување на програмските кодови. Комуникацијата меѓу професорите и студентите, пак, освен очи в очи на предавањата и консултациите, се одвива и преку системот Moodle. Тој се користи за на него да се поставуваат материјали за курсевите, за објавување соопштенија и за тестирања. Ова се само два примера како на ФИНКИ се олеснуваат наставата и учењето со помош на комуникациската технологија.
Со голем ентузијазам ги прифаќаат и установуваат и наставниот кадар и студентите.

Проф. д-р Ана Мадевска-Богданова

Видеоматеријал за предавањата

Проф.д-р Ана Мадевска-Богданова е редовен професор на ФИНКИ, чиј поширок истражувачки интерес е во областа на компјутерските науки (градење интелигентни системи, вештачка интелигенција, медицински информациски системи, интернет на нештата, ИКТ во образованието). Таа вели дека слободно може да се каже оти од почетоците на своето постоење факултетот е во чекор со новите технологии на пазарот и ги вклучува во наставата, воннаставните активности, како и развојот на проекти.
- За подобро управување со процесот на учење на големите групи студенти, особено е значајна поддршката со имплементирањето веб-базиран систем за автоматско оценување кај воведните курсеви за програмирање. Со помош на овој систем се врши автоматизирана проверка на точноста на задачите, а временскиот и информативниот фидбек за студентите е најважната карактеристика на системот. Студентите го користат за изработка на вежбите и континуирано учење, а тој се користи и при спроведување на испитите - објаснува Мадевска-Богданова.

ФИНКИ подготвува видеоматеријал за предавањата и вежбите на курсевите од почетните семестри, што уште повеќе ќе придонесе за полесно совладување на предвидените наставни теми.

Форум за дискусија и меѓу професори и студенти, систем за дипломски

Комуникацијата меѓу студентите и професорите се одвива тековно, очи в очи за време на часовите и консултациите, но и преку системот Moodle. Тој се користи за поставување материјали за курсевите, се објавуваат соопштенија и се спроведуваат тeстирања за одредени курсеви.
- Посебно место за комуникација претставува форумот, каде што студентите имаат можност да развијат дискусија со професорите и колегите за некоја напредна тема од содржините на курсот - вели професорката.

Фото: Pixabay

ФИНКИ користи софтвер за поддршка и организација на наставата - информациски систем развиен на факултетот, како што се студентските сервиси за разни потреби на образовниот процес.
- Исто така, постои систем за дипломски работи што го автоматизира процесот од моментот на задавање на темата на студентот, забелешки од комисијата, валидација од продеканот за настава и студентската служба, до закажување термин за одбрана - објаснува Мадевска-Богданова.

Секој студент на почетокот на студирањето се поврзува со своја е-адреса до системите на ФИНКИ за да добива известување за наставата, да се информира за термини за консултации, промена на термини за часови... Сите системи се интегрирани за размена на податоци и единствена најава. Истата единствена најава е овозможена и за поврзување на EDUROAM безжичната мрежа на целиот кампус на факултетот, како и безжичните мрежи на сите европски универзитети.

Студентите на ФИНКИ, а и на сите факултети на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, па и останатите универзитети во нашата земја го користат системот iKnow - интегриран информациски систем преку кој се запишуваат на факултетите, професорите внесуваат потписи и оценки за сите три нивоа студии (додипломски, мастер, докторски) и се води евиденција за целиот процес на студирањето.
- Откако е воведен овој систем, административната работа на професорите е многу олеснета, а во секој момент може да се види статусот на секој студент, за секој предмет (и професорот и студентот, секој од свој поглед) - објаснува нашата соговорничка.



Олеснето функционирање

Студентите ги прифаќаат можностите на информатичко-комуникациската технологија со голем ентузијазам.
- Тие на факултет доаѓаат со релативно високи дигитални компетенции, што значи дека очекуваат нашиот факултет во голем обем да ги користи дигиталните технологии во организацијата и одвивањето на наставниот процес. Соочувајќи се со поголем број студенти (на ФИНКИ оваа академска година се запишаа околу 940 студенти), без употреба на споменатите системи ние не би можеле да функционираме - вели Мадевска-Богданова.

Таа вели дека една од дополнителните вредности во високообразовниот процес е токму социјалниот елемент.
- Студирањето е време кога се формираат професионални врски што траат целиот животен век затоа што студентите минуваат многу време заедно, помагајќи си и делејќи ги заедничките проблеми. Исто така, студентите ја развиваат способноста критички да размислуваат и да ги усовршуваат меките вештини (soft skills). Дигиталната технологија се користи како алатка за да се постигнат зацртаните цели - додава професорката.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема