16.08.2024
Живот
Внимателно со ладењето со клима-уреди
Климатските промени си го прават своето како никогаш досега со рекордно високи температури во целиот свет, вклучувајќи ја и нашата земја. Употребата на клима-уреди станува сè помасовна, па во светот денес има над две милијарди клима-уреди и системи од кои над 800 милиони се во Кина и околу 400 милиони во САД. Најмногубројни се индивидуалните клима-уреди (сплит системи) за кои понатаму ќе бидат дадени некои препораки.
Се проценува дека над 90% од времето луѓето го поминуваат во затворени простории, затоа климата во затворени простории има директна врска и со нивното здравје, особено кога надвор има екстремно високи температури. Докажано е дека комфорните услови во работните простории овозможуваат и поголема продуктивност на вработените.
Задача на клима-уредот е да обезбеди комфорни услови во просторијата, а тоа е пред сè температурата на воздухот која во летниот период треба да биде 26 степени Целзиусови (или 27 степени). Во овие услови треба да се носи летна (лесна) облека, на пример кошула со кратки ракави. За зимскиот период (грејна сезона) важат други препораки.
Ладењето на воздухот во просториите е корисно не само за удобноста, туку и за здравјето на луѓето кога надвор има многу висока температура. Но, ако не се користи соодветно, клима-уредот може да предизвика негативни контраефекти штетни за човечкиот организам. На пример, ако температурата на ладење е сетирана на 24 степени или пониско, а притоа се носи летна облека, тогаш доаѓа до настинка.
Да раскажам една вистинска случка во врска температурата на воздухот. Еден мој познајник ме замоли да му помогнам да реши некој технички проблем во еден погон надвор од Скопје. Беше лето. Ме зеде со кола, нов мерцедес, и по кратко време почувствував многу студен воздух насочен директно кон моето лице. Погледнав на таблата со инструменти и таму гледам температурата на клима-уредот поставена на 20 степени. Веднаш реагирав возачот да ја постави температурата на најмалку 26 степени. Неговата реакција беше дека 20 степени е фабрички поставена температура и нема јас што да му се мешам во таа работа бидејќи Германците знаат подобро од нас, особено во техниката. Суштината на овој проблем беше во фактот што колата е купена во зимскиот период, ама додека да го прифати моето образложение ние веќе стигнавме таму кај што требаше. А уште малку требаше па јас да добијам пареза на лицето.
Во период на работа на клима-уредот, прозорците и вратите од просторијата треба да бидат затворени. Доколку се почувствува потреба од свеж воздух, може накратко да се отвори прозорец. Големо проветрување се врши преку ноќ и рано наутро, а тогаш клима-уредот треба да биде исклучен. Во тој период ѕидовите на станот ќе се оладат така што следниот ден вклучувањето на клима-уредот ќе биде малку подоцна во текот на денот.
Брзината на струење на воздухот во просторијата треба да биде најмногу до 0,15 m/s. Струењето на воздухот од клима-уредот не треба да биде насочено кон човечкото тело. Со далечинскиот управувач може да се одбере брзината на воздухот (најчесто има три брзини), а со дефлекторот и жалузините може да се одбере правецот на струење. Ако студен воздух дува директно на вашето тело и тоа не можете да го избегнете, тоа е опасно по здравјето и тогаш подобро е да немате клима-уред.
Во случаите кога надворешната температура е многу висока, односно кога има голема температурна разлика меѓу надворешниот и внатрешниот воздух (над 10 степени), не треба да се излегува директно надвор бидејќи наглата промена делува како шок на човечкиот организам и можни се фатални последици. Се препорачува претходно краток престој во некој меѓупростор и потоа излегување надвор. Овој проблем е уште поизразен при влегување и излегување од автомобил кога е надвор многу жешко. Се препорачува претходно да се отворат вратите (или прозорците) во траење од неколку минути.
Современите клима-уреди имаат инвертер и дигитални контролери со кои може да се програмира работата според потребите на корисникот. На пример, автоматско вклучување или исклучување на системот во одреден час во текот на денот. Кај новите модели на клима-уреди постои можност за следење и командување преку интернет со Wi-Fi уред. Ако нема никој дома, клима уредот треба да биде исклучен. Со Wi-Fi може да се вклучи во работа клима уредот пред пристигнувањето дома. Може да се заклучи дека кај најновите модели постојат повеќе можности за штедење на електричната енергија.
Најмалку двапати годишно треба да се чисти филтерот за воздух на внатрешната единица. Покрај прочистување на воздухот, тоа влијае и врз ефикасноста на работата на клима-уредот.
Надворешната единица е срцето на системот за климатизација, во неа се наоѓа мотор-компресор и кондензатор. Треба редовно да се проверува дали струењето на воздухот низ кондензаторот (топлински разменувач со ламели) не е попречено од нафатени нечистотии и/или лисја. Проверката да се прави пред почетокот на летната и пред почетокот на зимската сезона. Се препорачува чистењето да го прави обучено лице.
Клима-уредите се многу посложени апарати во споредба со другите апарати за домаќинството (фен, пегла, миксер, телевизор и др.), затоа треба да се купуваат од специјализирани фирми кои имаат обучени лица за монтажа и сервисирање, имаат резервни делови и даваат стручни совети на корисниците.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје
Авторот е член на Извршниот комитет на Меѓународниот институт за ладење (IIR) со седиште во Париз.