X
 20.10.2020 Здравје

Поради проблеми со складирањето на вакцините, три милијарди лица може да останат незаштитени од коронавирусот

Од фабрика до шприц, на кандидатите за најветувачката вакцина за коронавирус им е потребно постојано стерилизирано ладење за да останат безбедни. Но, покрај огромните напредоци во опремувањето на земјите во развој за одржување на синџирот за снабдување со вакцини со контролирана температура, речиси три милијарди лица во светот живеат на места каде што складирањето во услови со контролирана температура е недоволно за кампања за имунизација со која Ковид-19 би се ставил под контрола.

Резултатот: сиромашните луѓе во светот, кои беа меѓу најтешко погодените од пандемијата на вирусот, исто така е најверојатно дека последни ќе излезат од пандемијата.

Пречката во снабдувањето под контролирана температура е само последната нееднаквост на пандемијата која е на штета на сиромашните, кои многу повеќе живеат и работат во понаселени средини, што овозможува ширење на вирусот, имаат помал пристап до медицински кислород, кој е витален во лекувањето на заболените од Ковид-19 и во чии здравствени системи недостигаат лаборатории, резерви или техничари за да вршат опсежно тестирање.

Одржувањето на снабдувањето под контролирана температура нема да биде лесно ни за најбогатите земји, особено кога станува збор за оние за кои се потребни ултрастудени температури од околу -70 Целзиусови степени. Инвестирањето во инфраструктурата и технологијата за ладење заостанува зад брзиот отскок што развојот на вакцината го направи годинава поради вирусот.

Додека пандемијата е во осмиот месец, експертите предупредуваат дека на големи делови од светот им недостига ладење за да спроведат ефикасна програма за вакцинација. Тука спаѓаат Централна Азија, голем дел од Индија и Југоисточна Азија, Латинска Америка, освен поголемите земји и поголемиот дел од Африка.

Една болница во близина на престолнината на Буркина Фасо, зграда која опслужува 11.000 лица, е микрокосмос за пречките. Откако минатата есен се расипал ладилникот, клиниката веќе не можела да чува вакцини против тетанус, жолта треска, туберкулоза и други чести болести во таа област, објаснува сестрата Џулиен Зунграна. Како замена персоналот користел мотори за да ги однесе шишенцата во изолирани носачи од болница во Уагадугу, при што се поминувале 40 минути во патување.

Една мајка на две деца, која ја посетува клиниката „Гампела“, вели дека мисли оти програмата за вакцинирање против коронавирусот ќе биде предизвикувачка во нејзиниот дел од светот. Адама Тапсоба пешачи 4 часа на сонце за нејзиното бебе да ја добие потребната имунизација и често чека уште неколку часа за да види лекар. Една недела претходно нејзиниот 5-месечен син не бил вакциниран затоа што ќерка ѝ била болна и таа можела да земе само едно дете со себе додека пешачела.

- Ќе биде тешко да се добие вакцина против Ковид-19. Луѓето ќе мора да чекаат во болница и може и да не добијат вакцина - вели Тапсоба.

За да го поткрепат снабдувањето во нациите во развој, меѓународните организации ја надгледуваа инсталацијата на десетици илјади ладилници за вакцини напојувани од соларна енергија. Чувањето на вакцините на стабилна температура откако ќе се направат до времето додека да им се дадат на пациентите исто така бара мобилно ладење, издржлива електрична енергија, добри патишта и, пред сѐ, планирање.

За сиромашните земји како Буркина Фасо, најдобрите шанси за добивање вакцина против коронавирусот се преку иницијативата „Ковакс“, предводена од Светската здравствена организација и Глобалниот сојуза за вакцини и имунизација (ГАВИ).

Моментално 42 кандидати за вакцина против коронавирусот се на клинички испитувања, а уште 151 се на претклиничка евалуација. Оние што е најверојатно дека ќе завршат во „Ковакс“ мора да се чуваат на температура од 2 до 8 Целзиусови степени.

Медицинските ладилници што може да имаат температура и до -70 Целзиусови степени се ретки дури и во американските и во европските болници. Многу експерти веруваат дека западноафриканските земји што настрадаа за време на епидемијата на ебола во периодот од 2016 до 2016 година може да се најдобро позиционирани бидејќи за вакцината против тој вирус исто така беше потребно ултрастудено складирање.

Сепак, за повеќе од две третини од светот напредната технологија не е ни на хоризонтот, стои во студија на германската компанија DHL. Во меѓувреме, милијарди луѓе се во земји што ја немаат неопходната инфраструктура за одржување на опремата за чување постојни вакцини или поконвенционални кандидати за коронавирусот, стои во студијата во која се проценува дека за да се вакцинира населението на целата планета против Ковид-19, ќе бидат потребни 15.000 карго-летови.

Извор: Independent
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје